Украина го нападна Приморск, најголемото руско пристаниште на Балтикот
23/03/2026 12:18
Украински беспилотни летала го погодија Приморск, најголемото руско нафтено пристаниште на Балтичкото Море, при што била оштетена инсталација за гориво и избувнал пожар.
Гувернерот на Ленинградската област, Александар Дрозденко, на Телеграм соопшти дека по нападот веднаш започнало гаснење на пожарот, а персоналот бил евакуиран. Засега не се објавени повеќе детали за размерите на штетата.
Приморск е една од клучните извозни точки за руска нафта и дизел, со капацитет од околу 1 милион барели нафта и 300.000 барели дизел дневно. Ова е втор напад врз ова пристаниште, откако и на 12 септември минатата година дел од инфраструктурата беше оштетена, а истоварот на нафта беше привремено одложен.
Според руските власти, Ленинградската област била изложена на еден од најголемите напади со дронови од почетокот на војната. Дрозденко информираше дека до 6 часот наутро биле соборени повеќе од 60 беспилотни летала над регионот.
Надлежните тврдат дека нема повредени лица, но е пријавена материјална штета и на станбени објекти.
Во меѓувреме, каналот Астра на Телеграм објави дека една куќа била оштетена од руска ракета за воздушна одбрана, која експлодирала при пресретнување на дрон. Според тие информации, инцидентот се случил на околу еден километар од одбранбеното претпријатие ВИСКОМ, кое наводно било можна цел на нападот.
Ukraine struck the Port of Primorsk, one of Russia’s largest Baltic oil export terminals. pic.twitter.com/yCztkFIojY
— GMI (@Global_Mil_Info) March 23, 2026
Претпријатието произведува опрема за блиска борба, експлозивни направи и специјална опрема за потребите на безбедносните служби.
Поради нападите, аеродромот Пулково бил затворен повеќе од 15 часа, што предизвикало сериозни проблеми во авионскиот сообраќај. Според прес-службата на аеродромот, 48 летови биле откажани, а 50 биле одложени, при што дел од патниците биле принудени да ноќеваат на подот во терминалот.






