Априлијада во Скопје: Децата во маски го одбележаа 1 Април
01/04/2026 17:52
Априлијада се врати: Децата ги освоија улиците на Скопје
Први април – Денот на хуморот, смеата и безопасните шеги, традиционално беше одбележан денеска во Скопје и во другите градови низ земјава. Најмладите, маскирани во суперхерои, принцези, бубамари, пчелки, готвачи, лекари и ликови од цртани филмови, дефилираа низ градот создавајќи ведра и шарена атмосфера.
По неколкугодишен застој, во Скопје повторно беше организирана манифестацијата „Априлијада“, која се врати кај најважната публика, децата.
Ѓорѓиевски: Радоста и смеата се најубавиот украс
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на Денот на шегата потсети дека радоста, смеата и детската безгрижност се најубавиот украс на секојдневието.
Тој истакна дека возобнувањето на „Априлијада“ е порака дека ќе продолжи да се создаваат вакви моменти, бидејќи, како што рече, нашите деца го заслужуваат најдоброто.
Ревија на маски, танц и музика
Во рамки на програмата се одржа ревија на маскирани деца, збогатена со танцови точки и настапи на балетската секција при Детскиот културен центар-Карпош.
Публиката уживаше во изведбите на балетските студија „Брејк а лег“ и „Марбал“, како и во настапите на „Златните славејчиња“ и „Театар за тебе“, кои внесоа дополнителна магија на сцената.
Награди за најкреативните маски
Заедно со директорката на Детскиот културен центар, д-р Билјана Лалчевска-Серафимовска, градоначалникот Ѓорѓиевски додели таблети на учесниците од ликовниот конкурс, како симболична награда за нивната креативност и труд.
Манифестацијата помина во ведра и радосна атмосфера, а насмевките на децата беа најдобар доказ дека „Априлијада“ успешно се врати во календарот на настани во главниот град.
Априлијада во Скопје денеска носи маски забава и детска радост






