Ивица Конески инвеститор на зградата каде загина работник во Кисела Вода
24/04/2026 12:29
Екс градоначалникот на Општина Аеродром, Ивица Конески инвеститор на зградата каде утрово се случи тешката несреќа во Кисела Вода, во која загина еден работник, а тројца беа повредени.
Според објавените информации, станува збор за фирмата „Нар Инвестмент ДООЕЛ Скопје“, чиј сопственик е Ивица Конески, поранешен градоначалник на општина Аеродром. Управител на компанијата е Илија Конески.
Компанијата е основана во ноември минатата година како друштво со ограничена одговорност со едноличен капитал. Регистрирана е на улицата „Петар Поп Арсов“ во Центар.
Конески: Потресен сум, истрагата нека покаже
Според Телма, Конески изјавил дека не може да зборува бидејќи е многу потресен од трагедијата. Сепак, посочил дека изведувач на објектот е „Компанија Јакимовски ДООЕЛ“.
Тој рекол дека очекува истрагата да покаже што точно довело до несреќата. Воедно тврди дека за градбата биле обезбедени сите потребни дозволи.
Изведувач е фирмата „Јакимовски“
Како што се наведува, фирмата на Конески инвеститор на зградата, а сопственик и управител на фирмата изведувач „Компанија Јакимовски ДООЕЛ“ е Предраг Јакимовски.
Токму овој дел од случајот сега ќе биде предмет на истрага, која треба да утврди дали биле почитувани сите безбедносни стандарди на градилиштето.
Тројца повредени пренесени на Ургентен
Тројцата работници кои утрово беа извлечени од градилиштето се примени на Ургентниот центар. Еден од нив е со скршеници на нозете.
Останатите двајца се здобиле со полесни повреди. Кај нив се констатирани нагмеченици и повреда на лактот.
Се чекаат одговори за причините
По трагедијата, јавноста очекува одговор како дошло до несреќата и дали некој ќе сноси одговорност. Во фокусот сега се инвеститорот, изведувачот и условите во кои работеле градежниците.






