MKinformer

your daily dose of news

Аларм во Карпош: деца од 13 до 15 години наводно биле врбувани да продаваат дрога во основно училиште

04/05/2026 8:54

Сериозни индиции за можна злоупотреба на деца во мрежа за продажба на дрога се појавиле во основно училиште на подрачјето на скопски Карпош. Според информации споделени со родители, на ученици на возраст од 13 до 15 години им било нудено по 1.000 денари за да пренесуваат и продаваат недозволени материи на соученици.

Случајот бил отворен и на Совет на родители. За индициите била известена и полицијата. Поради тековна проверка, не се објавува името на училиштето.

Според информациите што биле споделени со родителите, станува збор за повозрасни деца кои не учеле во училиштето. Тие, наводно, се обидувале да злоупотребат ученици од осмо и деветто одделение за пренесување недозволени материи за паричен надомест.

Родителите велат дека се вознемирени од ваквите сознанија. Дел од нив предупредуваат дека темата за дрога сè порано влегува во секојдневието на децата и дека разговорите за превенција веќе не можат да се одложуваат.

Според она што им било пренесено од стручните служби, помалите ученици биле намамувани со пари да бидат посредници или разнесувачи. Родителите сметаат дека институциите мора поактивно да реагираат за да се спречи создавање мрежа во која ќе бидат вклучени деца.

Од Министерството за внатрешни работи, за Колегиум.мк, посочиле дека од почетокот на јануари до март годинава биле приведени седум деца на возраст од 14 до 18 години за продажба на дрога.

Воедно, од МВР информираат дека по претходно изготвен план, полициски службеници од СВР Скопје вршат проверки во содејство со психолошко-педагошките служби во училиштата. Во изминатите денови се спроведуваат и контроли на влезовите на дел од средните училишта во Скопје, при што се вршат визуелни проверки на ученичките ранци.

Случајот во Карпош отвори нова загриженост кај родителите и јавноста. Во фокусот сега е потребата од навремена превенција, поголема контрола и посилна заштита на учениците.

error: Содржината е заштитена од копирање !!