MKinformer

your daily dose of news

Денеска пресуда за Стојанче Јовановски во случајот со смртта на Ивана и малата Катја

07/05/2026 8:29

Во Основниот кривичен суд Скопје денеска треба да биде објавена пресудата за Стојанче Јовановски. Тој е обвинет за три кривични дела поврзани со трагедијата од 2 март годинава, кога животот го загубија неговата сопруга Ивана Јовановска и шестгодишната ќерка Катја.

Според обвинението, на товар му се ставаат телесни повреди како продолжено дело во рамки на семејно насилство, загрозување на сигурноста, како и наведување и помагање во самоубиство.

Обвинителството во завршен збор побара максимална казна. Според јавната обвинителка Адела Бојчевиќ, во текот на постапката бил докажан континуитет на физичко, психичко и економско насилство врз Ивана Јовановска.

Обвинителството тврди дека не станува збор за изолиран случај

Во завршниот збор, обвинителката посочи дека исказите на членовите на семејството, психијатриското вештачење, медицинската документација, аудиозаписите и другите материјални докази дале јасна слика за подолготрајно малтретирање.

Според неа, не станува збор за изолиран инцидент. Напротив, обвинителството смета дека имало континуирано насилство и контрола врз оштетената.

За обвинетиот, како што беше наведено, медицинското вештачење не утврдило душевно заболување што би ја намалило неговата одговорност. Според обвинителката, кај него доминирале потреба од контрола, манипулативност, недоволна самодоверба и сомничавост.

Побарана е максимална казна

Обвинителството побара судот да донесе осудителна пресуда и да изрече казна во рамки на законскиот максимум.

Како што истакна Бојчевиќ, таквата казна треба да ја одрази тежината на делата, но и да испрати јасна порака за превенција од семејно насилство.

„Обвинителството бара максимална казна за сите три кривични дела поради пораката дека физичкото и семејното насилство може да убиваат“, посочи обвинителката.

Одбраната бара ослободителна пресуда

Одбраната, пак, побара ослободителна пресуда. Според адвокатот Ангелевски, обвинителството не ја докажало ниту последицата ниту каузалитетот за делата што му се ставаат на товар на обвинетиот.

Тој во завршниот збор наведе дека доказите се контрадикторни, а сведочењата претежно посредни. Според одбраната, не е докажано кој, кога и на кој начин ги нанел повредите.

Ангелевски тврди и дека не е утврден каузалитет ниту за делото загрозување на сигурноста, ниту за делото наведување и помагање во самоубиство.

Судот денеска треба да ја соопшти одлуката.

error: Содржината е заштитена од копирање !!