MKinformer

your daily dose of news

Стојанче Јовановски осуден на 12 години затвор за смртта на Ивана и малата Катја

07/05/2026 11:13

Судот му изрече казна затвор од 12 години на Стојанче Јовановски, кој беше обвинет за загрозување на сигурноста, телесни повреди во случај на семејно насилство и наведување на самоубиство.

Пресудата ја соопшти судијата Ивица Стефановски. Јовановски е прогласен за виновен за сите три кривични дела што му се ставаа на товар.

Случајот се однесува на трагедијата од 2 март годинава, кога неговата сопруга Ивана го загуби животот по пад од балкон, заедно со нивната шестгодишна ќерка Катја.

За секое од делата судот му изрече максимална казна. За телесна повреда доби пет години затвор, за загрозување на сигурноста три години, а за наведување и помагање во самоубиство уште пет години.

Согласно Законот за кривична постапка, му е изречена единствена затворска казна од 12 години.

Ова е првпат во Македонија да биде изречена пресуда за кривично дело наведување на самоубиство.

Обвинителството побара Јовановски да остане во притвор сè до правосилноста на пресудата. Судот го прифати тој предлог.

error: Содржината е заштитена од копирање !!