MKinformer

your daily dose of news

Продолжува судењето за пожарот во „Пулс“: Денеска сведочат семејствата на жртвите и повредените

29/12/2025 10:45

Во судницата во Идризово при Основниот кривичен суд Скопје денеска продолжува судењето за пожарот во дискотеката Пулс во Кочани. На денешното рочиште, според најавите, треба да сведочат законските застапници на оштетените, односно семејствата на жртвите и повредените во трагичниот настан.

На претходното рочиште, на предлог на Обвинителството, сведочеше сопственик на авто-лимарски сервис лоциран во непосредна близина на дискотеката, кој говореше за реновирањето на објектот од перспектива на сосед, но и за ноќта кога избувна пожарот.

Претходно, во воведниот збор, одбраната на обвинетиот Александар Нацев најави дека во текот на постапката ќе докажува дека тој не бил ниту одговорно лице, ниту реален сопственик на агенцијата за обезбедување „Рубикон“, како и дека обезбедувањето немало надлежност да контролира број на гости, безбедносна опрема или сигурносни услови, ниту пак правното лице имало обврска да достави план за обезбедување.

На почетокот од денешното рочиште, судот донесе одлука постапката за овој предмет да се спои со друга постапка поврзана со трагедијата, со цел поефикасно водење на процесот.

Во воведното излагање, обвинителот Борче Јанев истакна дека судењето претставува обид за утврдување и на лична и на институционална одговорност, нагласувајќи дека трагедијата не е резултат само на активирање на пиротехнички средства, туку на долгогодишни системски пропусти, институционален молк и недостиг на контрола што го претвориле објектот во „смртоносна стапица“.

Сите обвинети на почетокот од судењето изјавија дека не се чувствуваат виновни. Дел од нив изразија сочувство до семејствата на жртвите, но останаа на ставот дека не сториле тешки дела против општата сигурност. Повеќемина обвинети, преку своите адвокати, ја оспорија основаноста на обвинението, најавувајќи сведоци и докази со кои ќе тврдат дека трагедијата е последица на институционални, а не индивидуални пропусти.

Досега свои одбрани дадоа сопственикот на дискотеката Дејан Јованов, сопственикот на „МММ кафе“ Митко Стојанов, сопственикот на објектот Гроздан Милковски, како и повеќе обвинети од обезбедувањето, градежни инспектори, поранешни градоначалници и поранешни функционери од Министерството за економија и Дирекцијата за заштита и спасување. Сите тие ја негираа вината и посочија дека делувале во рамки на своите законски надлежности.

Трагедијата се случи на 16 март 2025 година, за време на настап на музичката група „ДНК“, кога во дискотеката избувна пожар во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Во објектот имало над дозволениот број посетители, меѓу кои и малолетници, а пиротехнички средства биле активирани без дозвола. Според обвинението, дискотеката со години работела без минимално-технички услови, со незаконски реконструкции и без соодветен систем за противпожарна заштита.

error: Содржината е заштитена од копирање !!