Волк чуван со ремче и ланец фатен во Скопје, згрижен во Зоолошка
13/05/2026 8:31
Волк, кој според првичните информации незаконски бил чуван како домашно милениче, вечерва бил заловен во една скопска населба. Информацијата ја објави градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Георгиевски.
Според неговата објава на социјалните мрежи, животното било пронајдено со ремче и ланец. По откривањето, веднаш биле известени надлежните институции.
Георгиевски оцени дека станува збор за сериозна неодговорност и опасност за околината.
„Не можам да поверувам дека постојат толку несовесни поединци кои на ваков начин третираат диви животни, а притоа ја загрозуваат безбедноста на своите сограѓани. Ова не е само неодговорност, туку сериозна опасност за целата околина“, напиша градоначалникот.
Тој посочи дека волкот во моментов е згрижен од службите на Скопската зоолошка градина. Воедно, побара од институциите целосно да го расчистат случајот и да ги преземат сите потребни мерки.
„Во Скопје мора да има ред. Мора да изградиме похумано, побезбедно и одговорно општество во кое законите важат за сите, а животните се третираат со грижа, а не како предмет за нечие иживување“, порача Георгиевски.
Случајот предизвика бројни реакции на социјалните мрежи. Дел од граѓаните со неверување коментираат дека некој воопшто чувал волк како домашно животно.







2 thoughts on “Волк чуван со ремче и ланец фатен во Скопје, згрижен во Зоолошка”
Comments are closed.