Животното фатено во Козле ќе го испитува АХВ, во Зоолошка се сомневаат дека е волк или мелез
13/05/2026 10:37
Животното што синоќа беше пронајдено во скопската населба Козле и пренесено во карантин во Скопје ЗОО, допрва ќе биде предмет на испитувања од Агенцијата за храна и ветеринарство.
Главниот зоонегувател Сашо Панчев за весникот „Вечер“ изјавил дека според изгледот и физичките карактеристики, животното силно потсетува на волк. Сепак, според него, не е исклучена можноста да станува збор и за мелез од куче со слични особини.
Волк чуван со ремче и ланец фатен во Скопје, згрижен во Зоолошка
Од Скопје ЗОО велат дека конечниот одговор ќе го дадат надлежните институции по извршените проверки.
Портпаролката на Зоолошката градина, Тина Мицковска, соопштила дека животното било мирно, но видно исплашено. Било затекнато пред згради во Козле, со синџир околу вратот.
Токму тоа, според првичните проценки, ги засилува сомнежите дека претходно било чувано во домашни услови.
Од Скопје ЗОО потсетуваат дека чувањето диви животни како домашни миленици е забрането и претставува опасност и за луѓето и за самите животни.






