И официјално потврдено: животното фатено во Козле е волк
13/05/2026 18:04
По извршените проверки, проценки и консултации со домашни и странски експерти, потврдено е дека животното кое вчера беше заловено во скопската населба Козле е волк, а не куче или мешанец.
Во текот на денот во ЗОО Скопје пристигнале и сопствениците на кучето Сириус, од расата чехословачки волчјак, по кое трагале околу два месеци. По увидот на лице место, и тие потврдиле дека не станува збор за нивното куче, туку за вистински волк.
Од Зоолошката градина информираат дека животното не е чипирано. При прегледот било утврдено дека тежи околу 25 килограми, а земена му е и крв за биохемиска анализа и дополнителни испитувања.
Според првичните проценки, станува збор за млад волк, но неухранет и недоволно развиен за својата возраст.
Животното фатено во Козле ќе го испитува АХВ, во Зоолошка се сомневаат дека е волк или мелез
Во ЗОО Скопје денеска излегле и инспектори од Агенцијата за храна и ветеринарство, кои исто така утврдиле дека станува збор за волк од видот Canis lupus.
Дополнително, контактирани биле и експерти и институции од повеќе европски центри и резервати за волци, со цел да се добие и меѓународна потврда, како и дополнително стручно мислење.
Од Скопје ЗОО апелираат до јавноста да не шири шпекулации и дезинформации. Истовремено, потсетуваат дека дивите животни не смеат да се чуваат како домашни миленици, особено не врзани со ланец.
Зоолошката градина најави дека и натаму внимателно ќе ја следи здравствената состојба и однесувањето на животното и ќе ја информира јавноста за сите следни детали.






