Земале 8.800 евра мито за да влијаат на судски одлуки – Претседател на суд во Гостивар и администратор се под истрага
14/05/2026 20:05
ОЈО ГОКК отвори истражна постапка против две лица, осомничени за кривично дело примање награда за противзаконито влијание. Земале 8.800 евра мито за да влијаат на судски одлуки.
Според соопштението, осомничените во периодот од јануари 2023 до 2025 година, како претседател и судски администратор, заедно барале и примиле парична награда од 8.000 евра. Второосомничениот, според обвинителството, примил и дополнителни 800 евра.
Обвинителството тврди дека парите биле барани за да се интервенира кај судија во Основниот суд Гостивар и кај совет на судии во Апелациониот суд Гостивар, со цел да се изврши службено дејствие што не смеело да биде извршено.
Како се одвивал случајот
Според наводите, на почетокот на 2023 година осомничените му ветиле помош на лице кое било странка во граѓанска постапка.
За надомест од 5.000 евра, требало да посредуваат кај судија во Основниот суд Гостивар за да донесе решение за повторување на постапката, иако претходно веќе имало одбивателна пресуда.
Откако тоа не успеало, обвинителството наведува дека осомничените побарале дополнителни 3.000 евра. Тие средства, според истрагата, требало да послужат за влијание врз судии во втор степен. Целта била да се укине решението со кое не било дозволено повторување на постапката.
Подоцна, според обвинителството, второосомничениот примил и 800 евра за да заврши работа поврзана со доставен писмен документ од извршител.
Обвинителството бара мерки на претпазливост
Надлежниот јавен обвинител до судија на претходна постапка доставил предлог за определување мерки на претпазливост за двајцата осомничени.
Се бара забрана за напуштање на живеалиштето или престојувалиштето, обврска повремено да се јавуваат кај службено лице или надлежен орган. Привремено одземање на патна исправа, како и забрана за преземање работни активности поврзани со кривичното дело.




