Власта не прифати министрите да имаат само македонско државјанство
18/05/2026 13:50
Владејачкото мнозинство денеска не ја поддржа потребата од измени на Законот за Влада, со кои министрите ќе можеа да имаат само македонско државјанство.
За предлогот на СДСМ гласаа само 20 опозициски пратеници. Со тоа, засега не помина иницијативата истото правило што се предлага за пратениците да важи и за членовите на Владата.
Измените на законот ги образложи координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски. Тој рече дека нивната партија предложила решението да се носи по скратена постапка.
Според Спасовски, законот требало да биде усогласен со предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за пратениците да имаат само македонско државјанство.
„Ако таков услов се поставува за пратениците, тогаш треба да има исто решение и за членовите на Владата“, порача Спасовски.
Од СДСМ тврдат дека со ова би се исполниле и очекувањата на граѓаните, односно највисоките избрани и именувани функционери да имаат само државјанство на Македонија.
Во расправата, Спасовски посочи дека во Владата има министри со двојни државјанства, при што ја спомена и министерката за енергетика Сања Божиновска.
Сепак, за пратениците од владејачкото мнозинство ова не било доволно образложение за да дадат поддршка на предлогот.
Со ваквиот исход, сè поизвесно е дека доколку поминат најавените законски измени, ограничувањето за едно државјанство ќе важи само за пратениците, но не и за министрите.






