Левица бара разрешување на Арбен Фетаи: Со месеци не доаѓал на работа, а земал плата
20/05/2026 8:46
Левица најостро реагира на, како што велат, неодговорното однесување на вицепремиерот Арбен Фетаи, обвинувајќи дека со месеци не се појавува на работното место, не присуствува на владините седници и не одговара пред Собранието, а и понатаму ја користи функцијата и бенефитите што се плаќаат од државниот буџет.
Од партијата наведуваат дека во време кога Владата тврди дека нема доволно средства за повисоки плати, поддршка за ученици, здравство и социјални мерки, дозволува функционер кој не ја извршува функцијата и натаму да прима плата и привилегии.
„Ова е класичен пример на расипничко и неодговорно владеење, каде државните функции се третираат како приватна сопственост, а буџетот како партиски плен“, велат од Левица.
Партијата го обвинува и премиерот Христијан Мицкоски за молк и за, како што велат, непостапување и покрај тоа што, според нив, јавно било потврдено дека Фетаи не доаѓа на работа и самиот не се гледа повеќе како дел од Владата.
Од Левица јавно поставуваат две прашања. Првото е колку буџетски средства се исплатени за плати, патни трошоци и привилегии за функционер кој, според нив, не ја извршува својата должност. Второто е дали Владата ќе отвори постапка за утврдување одговорност за несовесно и ненаменско трошење државни пари.
Од партијата бараат итно разрешување на Арбен Фетаи. Бараат и проверка на сите исплати и трошоци направени за време на неговото отсуство.
Во соопштението, Левица оценува дека овој случај уште еднаш ја покажува суштината на актуелната власт, која ја обвинува за ароганција, неодговорност и расипничко трошење на народните пари.





