MKinformer

your daily dose of news

500.000 евра откриени во бункер на минибус: Царината со најголема заплена на девизи досега

21/05/2026 6:46

Царинската управа спречи обид за нелегален пренос на готовина во износ од 500.000 евра, кои биле откриени во специјално изработен бункер во минибус.

За случајот информираше директорот на Царинската управа, Бобан Николовски, кој посочи дека станува збор за историски најголема заплена на девизи.

Девизите и возилото се трајно одземени, а против сторителот веќе е завршена постапката. Станува збор за државјанин на Албанија со иницијали Џ.Г., кој го управувал минибусот. За него веќе е донесена судска пресуда од Основниот суд Куманово.

Обидот бил откриен на влез во државата, на граничниот премин Табановце. Минибусот, кој бил сопственост на туристичка агенција од Албанија, превезувал седум патници.

Во акцијата учествувале мобилен тим, К9 единица и Службата за мобилни скенери. Според Николовски, царинските службеници веднаш забележале преправки на возилото, по што било вклучено и царинско куче кое реагирало на сомнителното место.

Сомнежите потоа биле потврдени и со скенирање на возилото. По деталната контрола, инспекторите пронашле 14 проѕирни ќеси со вкупно 500.000 евра, скриени во бункерот.

Од Царинската управа порачаа дека секој обид за нелегален прекуграничен пренос на готовина ќе биде најстрого санкциониран.

Согласно законската процедура, запленетите девизи се предадени на Агенцијата за одземен имот, а потоа депонирани во Народната банка.

error: Содржината е заштитена од копирање !!