Царината откри серија шверцови: Задржани девизи, злато, цигари и алкохол на неколку гранични премини
20/01/2026 18:12
Царинските службеници и мобилните царински тимови во изминатиот период открија повеќе обиди за шверц на разна стока и криумчарење на поголеми суми непријавени девизи на неколку гранични премини во државата, информираат од Царинска управа.
На граничниот премин Табановце – автопат, мобилен царински тим спречил обид за нелегално изнесување 13.900 евра, три златни монети и една златна плочка од околу 90 грама, откриени кај двајца грчки државјани. При личен претрес кај возачот биле пронајдени вкупно 23.900 евра и златните предмети. Согласно закон, вратени му биле 10.000 евра, додека остатокот и златото се привремено задржани.
На граничниот премин Ќафасан, при контрола на возило при влез во државата, кај совозач биле пронајдени 20.000 евра непријавени девизи. На патникот му биле вратени 10.000 евра, а останатите се привремено одземени.
На излез од државата кај Богородица, кај четворица патници биле пронајдени вкупно 20.000 евра, односно по 5.000 евра кај секој од нив, без потребната банкарска потврда. На секој патник му биле вратени по 2.000 евра, а вкупно 12.000 евра се задржани.

Царинските службеници на граничниот премин Деве Баир откриле 30 штеки цигари со турски акцизни маркички, 279 парчиња накит-бижутерија и 30 килограми монистри во автобус со турски регистарски таблички. Вредноста на непријавената стока изнесува 73.780 денари, а избегнатите давачки 75.038 денари.
На граничниот премин Стење, кај патник – странски државјанин со живеалиште во Прилеп, биле пронајдени 17 шишиња течност за инјекции за животни, кои се привремено одземени.
Дополнително, на Табановце биле откриени и непријавени музички уреди кај патник со АТА карнет, како и 60 литри домашна ракија, скриени во различни делови од возило – под тапацир, во кровот, под хаубата и во торби.
Од Царинската управа најавуваат дека контролите ќе продолжат со засилен интензитет со цел спречување на шверцот и заштита на државниот буџет.





