MKinformer

your daily dose of news

ГРОМ: ВМРО-ДПМНЕ врши политички притисок врз судството и монтира процес против Јакимовски

17/06/2026 14:30

Граѓанската опција за Македонија – ГРОМ реагира на, како што велат од партијата, смешното соопштение на ВМРО-ДПМНЕ, во кое нивниот претседател го праќаат да одржува прес-конференции на „Бихаќка“, затоа што тие ја поднеле кривичната пријава.

Од ГРОМ велат дека ВМРО-ДПМНЕ треба да знае неколку работи.

Судот е тој што ги цени фактите и доказите

„Кривична пријава може да поднесе секој, но судот е тој што ги цени фактите и доказите и го штити секој граѓанин од неоправдана репресија од кое било лице или орган. Во конкретниот случај, таква заштита нашиот претседател нема. Напротив, ВМРО-ДПМНЕ изврши притисок врз судот за да се добие осудителна пресуда“, велат од ГРОМ.

ГРОМ: ВМРО-ДПМНЕ ги дели пријавите на наши и ваши

Од партијата обвинуваат дека ВМРО-ДПМНЕ кривичните пријави ги дели на „наши“ и „ваши“, односно на вмровски и сдсмовски.

„Со ова самите потврдуваат дека станува збор за политички монтиран процес“, наведуваат од ГРОМ.

„На Бихаќка ќе одиме кога СДСМ ќе изгради објект како терасата пред Белата палата“

Од ГРОМ порачуваат дека нивниот претседател ќе одржи прес-конференција на „Бихаќка“ тогаш кога СДСМ на диво ќе изгради објект каков што, според нив, е терасата пред Белата палата.

Прашања за предметите „Талир 1“ и „Талир 2“

„Кога сме кај кривичните пријави, јавноста сака да знае што стана со вашите кривични пријави поднесени токму во времето на СДСМ. Како ги разрешивте? До каде се предметите ‘Талир 1’ и ‘Талир 2’ за испраните пари и криминалното финансирање на партијата и Белата палата? ВМРО-ДПМНЕ овие два случаи ги реши со тоа што го промени обвинителот“, се наведува во реакцијата.

Од ГРОМ додаваат дека ВМРО-ДПМНЕ, кога е на власт, практикува политички прогон и репресија, а кога е во опозиција, како што велат, „лее крокодилски солзи“ за сопствените криминали, корупција и перење пари, тврдејќи дека некој политички се пресметува со нив.

„Во случајот на Стевчо Јакимовски, ВМРО-ДПМНЕ се изрезили до крај. Го испогани судството, а со ова покажува дека и натаму ќе продолжи со политичките притисоци и целосна партизација на правосудниот систем“, порачуваат од ГРОМ.

error: Содржината е заштитена од копирање !!