Вајц: Македонија може да биде следната членка на ЕУ по Црна Гора
17/06/2026 8:06
Македонија има потенцијал да биде меѓу следните земји што ќе се приклучат на Европската Унија, порача известувачот за земјава во Европскиот парламент, Томас Вајц.
На седница во Стразбур, известувачите за земјите од Западен Балкан ги презентираа нацрт-резолуциите врз основа на годишните извештаи на Европската комисија за напредокот на државите во евроинтегративниот процес.
Во рамки на пленарната расправа беа разгледани извештаите за Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија и Црна Гора. Во дебатата учествуваше и еврокомесарката за проширување Марта Кос, како и повеќе европратеници од различни политички групи.
Вајц оцени дека Западен Балкан и натаму е регион изложен на различни надворешни влијанија. Притоа потсети на конфликтите од 90-тите години, но нагласи дека Македонија и Црна Гора успеале да избегнат масовно насилство.
Според него, Македонија има капацитет да биде меѓу водечките кандидати за членство во Европската Унија. Тој посочи дека земјата можеби не ги спровела реформите со посакуваната брзина, но истовремено истакна дека и самата ЕУ има неисполнети ветувања кон регионот.
Вајц смета дека Брисел мора да ја одржи мотивацијата на земјите кандидати преку конкретни придобивки уште пред полноправното членство. Како примери ги посочи делумната интеграција во европскиот пазар, олеснувањата во роамингот и приклучувањето кон Единствената европска платежна зона – СЕПА.
Тој нагласи дека идното проширување на Унијата со земјите од Западен Балкан ќе донесе и безбедносни и економски придобивки за Европа. Според неговата оценка, по Црна Гора, Македонија би можела да биде следната земја што ќе се приклучи на европското семејство.






