MKinformer

your daily dose of news

Фалат пари за пензии, земале плата, а не оделе на работа: Ревизијата откри сериозни пропусти и злоупотреби во Пензискиот Фонд

29/01/2025 11:07

Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и во 2023 не успева да ги покрие своите финансиски обврски, што резултира со дефицит од 33 проценти кај исплатата на пензии. Таа година биле прифаќани понуди за тековно одржување и изведување на градежно занаетчиски работи со цени повисоки и до 22 пати. А, над 820 илјади евра се потрошени за ангажман на лица со договор, за кои не може да се утврди дали воопшто се појавувале на работното место. Државните ревизори откриле сериозни слабости и неправилности во работењето на Фондот, кои укажуваат на долгорочни структурни и проблеми во управувањето со оваа институција.

Меѓу клучните наоди се наведува дефицитот што произлегува меѓу наплатата на придонесите и исплатата на пензиите. Во 2023 приходите од придонеси се зголемени за 13%, достигнувајќи над една милијарда евра, но сепак, не се доволни за покривање на растечките расходи. Затоа државата учествува со 32,6%, што укажува на висока зависност од буџетските трансфери.

Воедно, ревизорите го истакнуваат и неповолниот сооднос меѓу бројот на пензионери и осигуреници. Во 2023 е 1:1,7, што е критично за одржливоста на системот.

На Фондот му недостига и стручен кадар, па во текот на таа 2023 биле ангажирани 206 лица со договор на дело, за што се исплатени 820 илјади евра, но без соодветна евиденција за нивната работа.

„Во текот на 2023 година ангажирани се 206 физички лица со договор на дело за период од 2 до 12 месеци, за кои Фондот има обезбедено согласности од Министерството за финансии, за извршување на работни задачи согласно систематизацијата на работни места, за кои се исплатени средства во износ од 50.377 илјади денари. Ревизорите укажуваат дека не постои евиденција за присуство на ангажираните лица поради што постои можност од исплата на парични средства на лица кои не биле присутни на работните места и не ги извршувале работните обврски. Во договорите не е предвидена обврска ангажираните лица да доставуваат извештаи за извршената работа, што не обезбедува уверување во однос на исполнувањето на нивните работни задачи и обврски за кои се ангажирани, при што поголем дел од договорите не се потпишани од страна на извршителите“, констатираат ревизорите од Државниот завод за ревизија.

Воедно, има и незаконски исплати реализирани во предизборниот период, од 28,5 милиони евра на име финансиска поддршка на ранливи категории граѓани.

Ревизорите запишале:

„Во делот на останати прашања ревизорите исто така ја истакнуваат состојбата во врска со донесениот Закон за финансиска поддршка на социјално ранливите категории на граѓани во декември 2023 година, со кој е извршена исплата и тоа на: корисници на посебен додаток, корисници на правото на надоместок заради попреченост, самохрани родители кои се евидентирани на гарантирана минимална помош, корисници на право на пензија во висина до 19.000 денари“.

Притоа, се вели, не се спорни заложбите за помош на тие граѓани, туку тоа што законот е донесен пред редовните претседателски и парламентарни избори. Па во тој период од февруари до април 2024 исплатени се вкупно 1.243.322 илјади денари (20,2 милиони евра), што е во „колизија со барањата на член 8-а од Изборниот законик, согласно кој не може да се вршат исплаќања на плати, пензии, социјална помош или други исплати и материјални надоместоци од буџетски средства или од средства на јавните фондови кои не се редовни месечни исплати“.

error: Содржината е заштитена од копирање !!