Мицкоски обвини за бугарска кампања во Македонија
26/06/2026 10:44
Мицкоски: Позади провокациите стои организирана бугарска кампања
Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, во интервју за МРТ по повод две години од мандатот на владата, истакна дека позади провокациите кои се случија изминатиот период станува збор за организирана бугарска кампања во Македонија, која има за цел промоција на неприфатливи работи преку еден или двајца политички ликови.
Организирана кампања и ниски страсти
“Ниски страсти и организирана кампања која овој период е забележлива. Ние сме зафатени со реконструкцијата и го користат слободниот простор, еден, двајца политички ликови во државава да се обидат да промовираат нешто кое никој не може да го прифати. Ова е еден поширок обид за влијание тука”, рече Мицкоски.
Тој потсети на разговор со искусен дипломат пред 7-8 години, кој му рекол дека во политиката нема случајности.
“Ако некогаш помислиш дека работите во политиката се случиле случајно, верувај не е така, не си во право, затоа што ти само не си бил информиран тоа што некој го планирал. Јас многу малку верувам во случајност во политиката”, потенцираше премиерот.
Бугарија не ги спроведува обврските за македонската заедница
Мицкоски посочи дека источниот сосед не сака да ги спроведе своите обврски и пресудите на Судот за човекови права во Стразбур, со што не им дава легитимитет на припадниците на македонската заедница во Бугарија.
“Нашиот источен сосед има преземено обврски да ги почитува човековите права, ратификувал резолуција, што значи треба да ги обезбеди човековите права на македонската заедница. Тие тоа не го прават, затоа што таа живковистичка политика која трае со децении, негаторска кон македонскиот идентитет им внесува страв во коски”, потенцираше Мицкоски.
Протоколите и Санстефанска Бугарија
Мицкоски посочи дека бугарските политичари не се откажуваат од Протоколите 1 и 2 и потсети на говорот на сегашниот бугарски премиер од 2019 година во Санкт Петербург.
“Во политиката мора стратешки да ги гледате работите пред да ставите потпис. Кога ќе ни каже некој да го смениме Уставот, добро, но што потоа, затоа што оваа трка немаме намера да ја почнеме, имаме намера да ја завршиме. Нашата цел како влада е со мудрост, тактика, стратегија да се обидеме да го исправиме тоа кое е погрешно направено”, дециден беше премиерот.





