Гостиварец платил 1.200 евра за возачка дозвола без полагање, па сфатил дека е измамен
27/06/2026 15:14
Четириесет и тригодишен жител на Гостивар пријавил во полиција дека бил измамен откако платил 1.200 евра за наводно обезбедување возачка дозвола без полагање.
Според информациите од МВР, пред околу четири месеци, преку свој пријател, тој стапил во контакт со лице од Скопје. На средба во главниот град, осомничениот му ветил дека ќе му обезбеди возачка дозвола без да полага испит.
За услугата, според пријавата, побарал 1.300 евра и копија од личната карта на пријавителот.
Гостиварецот во неколку наврати му исплатил вкупно 1.200 евра. Но, откако не ја добил ветената возачка дозвола, сфатил дека станува збор за измама.
Случајот го пријавил во Полициската станица Гостивар.
Од полицијата информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.






