Пожарот кај Велес надвор од контрола, авионите за гаснење не можат да полетаат поради невремето во Скопје
30/06/2026 15:41
Пожарот кај Велес е надвор од контрола и се шири во правец кон селото Караслари, а авионите на Дирекцијата за заштита и спасување засега не можат да полетаат поради невремето во Скопје.
Центарот за управување со кризи соопшти дека, согласно информациите од терен и направената проценка на состојбата, во координација со Дирекцијата за заштита и спасување, е изразена подготвеност за воздушна интервенција при гаснењето на пожарот кај Велес.
Од ЦУК информираат дека на располагање се ставени два воздухоплова на ДЗС, кои треба да полетаат од Аеродромот во Скопје веднаш штом временските услови и контролата на летање ќе го дозволат тоа.
Граѓаните стравуваат од ширење на огнот
Граѓани, сопственици на викендици, лозја и овоштарници, изразиле загриженост поради ширењето на пожарот.
Според првичните информации, огнот излегол од контрола и се движи во правец кон селото Караслари.
Пожарот првично избувнал во близина на експресниот пат Велес – Штип.
Институциите ја следат состојбата
Надлежните институции и натаму ја следат состојбата на терен.
Од ЦУК посочуваат дека ќе се постапува согласно развојот на ситуацијата, временските услови и можностите за воздушна интервенција.






