Бакарот руши рекорди, а Македонија седи врз огромен потенцијал
16/05/2026 17:47
Цената на бакарот продолжува да расте и се приближува до нов рекорд на светските пазари. Причините се повеќе, но во прв план се закрепнувањето на кинеската побарувачка и стравувањата од намалени глобални залихи.
На Лондонската берза бакарот поскапе за уште два проценти и достигна ниво од 14.000 долари за тон. Ова е првпат цената да се искачи над таа граница по јануарскиот врв од 14.500 долари за тон.
Раст има и на американскиот пазар. Таму дополнителен притисок врз цената создава можноста Вашингтон да воведе нови царини за бакарот.
Кина повторно ја крева побарувачката
Бакарот често се смета за еден од најважните показатели за состојбата на глобалната економија. Во последните недели, токму Кина повторно ја турка побарувачката нагоре.
Податоците покажуваат дека залихите на бакар во Кина се намалуваат. Тоа се толкува како знак за растечка потрошувачка, особено поради модернизацијата на електропреносната мрежа.
Кинеската државна трговска компанија веќе прогнозира висока побарувачка за бакар и во следната деценија.
Растат и ризиците за снабдување
Дополнителен притисок доаѓа и од Блискиот Исток. Воените случувања во регионот на Заливот ја зголемија загриженоста околу снабдувањето со сулфур.
Тоа е важно бидејќи приближно една петтина од светскиот ископан бакар зависи од сулфурна киселина во процесот на производство.
Во меѓувреме, американските инвеститори го чекаат новиот извештај од секретарот за трговија на САД за состојбите на домашниот пазар на бакар. Извештајот треба да биде доставен до 30 јуни.
Во исчекување на можни царини, цената на бакарот годинава веќе е зголемена за повеќе од 10 проценти.
Македонија има бакар, но не го користи доволно
Додека светот трча по бакар, Македонија сè уште не го користи целосно сопствениот потенцијал.
Во моментов, од четирите активни рудници за метали во земјава, само „Бучим-Боров дол“ ископува бакар. Но капацитетите таму постепено се намалуваат.
Активна концесија за геолошки истражувања на бакар и злато има во кратовскиот регион. Истражувања за бакар, олово, цинк, злато и сребро има и компанијата „РИ Пела“, иако фокусот таму најверојатно ќе биде ставен на антимон.
Еден од најголемите потенцијали останува Иловица-Штука. Таму „Еуромакс ресоурцес“ веќе спроведе геолошки истражувања, но поради правни и административни пречки не доби концесија за експлоатација.
Истражувањата покажале присуство на повеќе од 500 милиони тони минерализирана руда што содржи бакар и злато.
Со планирано производство од 16.000 тони бакар годишно, овој рудник би можел да носи извоз од околу 200 милиони долари годишно. Тоа, секако, зависи и од движењето на светските цени.
МАНУ: Рударството може да биде двигател на извозот
Геолошките истражувања покажуваат дека Македонија располага со значајни количества бакар. Тоа е нотирано и во Стратегијата за минерални суровини 2026–2046, подготвена од МАНУ.
Во документот се наведува дека македонската економија, како мала и отворена економија, треба да гради модел заснован на извоз. Во тој процес, рударството и вадењето камен можат да имаат голем придонес.
Авторите на стратегијата сметаат дека Македонија треба да се позиционира како лидер во овој дел од Европа во областа на рударството и истражувањето минерали.
Сепак, факт е дека во земјава сериозен нов рудник не е отворен речиси четири децении. Нов поттик се очекува од најавените закони за рударство и геологија, кои треба да донесат нови инвестиции, но и повисоки еколошки стандарди.






