MKinformer

your daily dose of news

Во касарната „Илинден“ ќе биде претставена нова воена опрема вредна над 40 милиони евра

03/07/2026 8:58

Во касарната „Илинден“ во Скопје денеска ќе биде претставен дел од новата воена опрема што Армијата ја доби преку Европскиот мировен фонд.

На презентацијата се очекува да присуствуваат премиерот Христијан Мицкоски, министерот за одбрана Владо Мисајловски, евроамбасадорот Михалис Рокас и началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски.

Покрај презентацијата на опремата, припадниците на Армијата ќе изведат и показна вежба, со која ќе ги демонстрираат своите способности.

Опрема вредна над 40 милиони евра

Од Министерството за одбрана информираат дека преку Европскиот мировен фонд се обезбедува воена опрема во вредност од над 40 милиони евра.

Досега во земјава се испорачани првиот пакет и дел од вториот пакет опрема.

Во следниот период се очекува и испорака на дополнителна логистичка, комуникациска и пешадиска опрема.

Радари, термални камери и транспортни возила

Според најавите, опремата вклучува радари, термални камери, транспортни возила, симулатори, 3Д-радар и преносни сензори.

Одбранбените власти оценуваат дека новата опрема треба да придонесе за унапредување на капацитетите на Армијата, подобра логистичка поддршка и зајакнување на оперативната подготвеност.

Презентацијата во касарната „Илинден“ се одржува во период кога земјата продолжува со модернизација на одбранбениот сектор и усогласување со стандардите на НАТО.

error: Содржината е заштитена од копирање !!