Обвинителството ги чешла тендерите за хлор во Гостивар
27/07/2026 10:11
Финансиската документација на Општина Гостивар под лупа, се анализираат и тендерите за набавка на хлор
Истражните органи прибираат обемна документација од повеќе институции
Во рамки на истрагата поврзана со состојбата со водоснабдувањето во Гостивар, под детална анализа се финансиската документација на Општина Гостивар, тендерите за набавка на хлор, наредбите и комуникацијата меѓу Општината и ЈП „Комуналец“, како и извештаите на Центарот за јавно здравје – Тетово.
Според информациите, предмет на анализа се и извештаите од 29 јуни и 13 јули, а дел од документацијата веќе е доставена и се испитува, додека за останатиот дел сè уште се чека.
Ќе се врши финансиско вештачење
Во текот на постапката е предвидено и финансиско вештачење. Документацијата од Општина Гостивар ќе биде споредувана со документите од ЈП „Комуналец“, Центарот за јавно здравје – Тетово и извештаите доставени до Институтот за јавно здравје.
„Издадени се наредби за прибирање обемна документација од Општина Гостивар, ЈП ‘Комуналец’, гостиварската болница ‘Д-р Ферид Мурад’ и ЦЈЗ – Тетово. Дел од истрагата е насочен кон финансиските извештаи и тендерите, а друг дел кон наредбите и одлуките за поставување на водните пумпи, кои исто така се предмет на вештачење“, наведува извор од истрагата.
Анализите на водата доставени до Обвинителството
Во меѓувреме, резултатите од деветте анализирани примероци од вода пристигнале во Обвинителството. Според информациите, само еден примерок „од една чешма“ бил исправен.
Министерот за здравство Сашо Клековски во интервју за ТВ24 изјавил дека ќе се испитува и дали имало обид случајот да биде прикриен.
Паралелна истрага и можност за проширување
Покрај оваа постапка, се води и посебна истрага поврзана со смртта на вработен во гостиварскиот водовод, кој загинал во канал десет дена пред спорните пумпи да бидат пуштени во употреба. Се очекува официјалниот обдукциски наод, иако според Обвинителството првичната причина за смртта е срцев удар.
Досега осомничени се Артана Асани, Леон Уредини и Вадедин Дервиши, сите на раководни позиции во ЈП „Комуналец“, на кои им е определен 30-дневен притвор.
Од Основното јавно обвинителство Гостивар посочуваат дека истрагата може да биде проширена и на други лица доколку бидат обезбедени дополнителни докази.






