MKinformer

your daily dose of news

Суспендирана директорката на „Комуналец“- Гостивар

20/07/2026 13:05

Три дена по хаваријата: Суспендирана директорката на „Комуналец“, заедно со повеќе одговорни лица

Градоначалникот Валбон Лимани најави вонредна седница на Советот и состанок на Кризниот штаб по здравствената криза во Гостивар

Три дена по хаваријата и прогласувањето епидемија во Гостивар, градоначалникот Валбон Лимани соопшти дека директорката на ЈП „Комуналец“, Артана Асани, е суспендирана од функцијата, заедно со уште неколку лица задолжени за функционирањето на градскиот водовод.

Информацијата беше соопштена на прес-конференција, на која Лимани најави дека локалната самоуправа ќе преземе дополнителни мерки за справување со состојбата.

Вонредна седница и состанок на Кризниот штаб

Според градоначалникот, во текот на денот ќе се одржи вонредна седница на Советот на Општина Гостивар, на која ќе се разгледува состојбата предизвикана од загадената вода и зголемениот број заболени граѓани.

Тој најави и состанок на Кризниот штаб, каде што ќе се носат дополнителни мерки за надминување на здравствената криза и за обезбедување нормално водоснабдување.

„Директорката на ЈП „Комуналец“, Артана Асани, е суспендирана заедно со уште неколку лица кои се одговорни за градскиот водовод“, изјави градоначалникот Валбон Лимани.

Повик за објективна истрага

Лимани ги повика сите надлежни институции целосно и објективно да го расчистат случајот, нагласувајќи дека Општина Гостивар ќе соработува со истражните органи до целосно утврдување на причините за настанатата состојба.

„Ги повикувам институциите објективно да ја завршат својата работа. Ќе соработуваме со нив до целосно расчистување на случајот и надминување на состојбата“, порача Лимани.

Ќе се обезбедува вода за најранливите граѓани

Градоначалникот информираше дека локалната самоуправа ќе објави телефонски број преку кој граѓаните што не можат сами да обезбедат вода за пиење ќе можат да побараат помош.

Според најавите, ќе биде организирана достава на вода до домовите на лицата кои не се во можност сами да ја обезбедат.

На крајот од прес-конференцијата, Лимани упати благодарност до компаниите, организациите и поединците кои во изминатите денови се вклучија во обезбедувањето вода за пиење и помош за граѓаните погодени од кризата.

error: Содржината е заштитена од копирање !!