ИЈЗ ги чека мострите за труењето во штипската ТИР
11/07/2026 10:27
Цезар салатата под сомнеж за труењето на работници во Штип
Се анализираат мостри од храна, вода и фабричката трпезарија
Шесттемина работници од компанија во штипската ТИР-зона кои пријавиле симптоми на труење со храна се сомневаат дека здравствените проблеми ги добиле по консумирање цезар салата за време на работниот ручек на 8 јули.
Од Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) – Штип информираат дека конечниот одговор за причината ќе го даде Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), кој единствен во државата располага со овластени лаборатории за испитување на исправноста на храната.
Земени мостри од храната, водата и трпезаријата
Во рамки на истрагата, денеска се земени мостри од водата во компанијата „Адиент“, каде што работат заболените лица, како и брисеви и мостри од фабричката трпезарија.
Дополнително, инспекциските служби обезбедиле примероци и од фирмата задолжена за подготовка и дистрибуција на храната, а се проверува и начинот на транспорт и складирање на оброците.
Петмина сè уште се лекуваат, можно е нови случаи
Според последните информации, еден од шестемина хоспитализирани работници е пуштен на домашно лекување, додека останатите петмина сè уште се под лекарски надзор. Надлежните посочуваат дека нивната здравствена состојба се подобрува и се очекува наскоро да бидат отпуштени од болница.
Епидемиолозите, кои веќе трет ден работат на случајот, најавуваат дека постојат информации за уште неколку лица со слични симптоми, но официјалните пријави сè уште не се пристигнати.
Епидемиолозите не веруваат дека причината е водата
Бидејќи во компаниите во штипската ТИР-зона работат лица и од Кочани, Пробиштип, Свети Николе и Велес, Центрите за јавно здравје од овие градови се вклучени во епидемиолошката обработка на евентуални нови случаи.
Според штипските епидемиолози, малку е веројатно изворот на труењето да биде водата за пиење. Тие оценуваат дека доколку водата била загадена, бројот на заболени ќе бил значително поголем.
Нивната првична претпоставка е дека причината најверојатно е храната, особено додатоците како салати, кои во летниот период полесно се расипуваат доколку не се чуваат во соодветни услови.
Се чекаат лабораториските анализи
Директорот на Центарот за јавно здравје – Штип, Бранко Горгиев, изјави дека епидемиолозите, санитарните инспектори и останатите надлежни служби интензивно работат на расчистување на случајот.
Тој посочи дека се чекаат резултатите од лабораториските анализи на сите земени мостри, по што ќе биде позната точната причина за труењето.






