MKinformer

your daily dose of news

Трет смртен случај од западнонилска треска: Шест пациенти се во критична состојба

17/08/2026 14:53

Трет смртен случај од западнонилска треска е регистриран во земјава, соопшти министерот за здравство Сашо Клековски. Починатиот пациент имал 61 година и бил од едно од подрачјата зафатени со вирусот.

Според Клековски, пациентот починал во саботата. Покрај инфекцијата со вирусот, имал и прекумерна телесна тежина.

„Во саботата починатиот пациент имаше 61 година. Доаѓа од едно од зафатените места“, изјави Клековски.

Тројца починати од почетокот на појавата на вирусот

Првиот починат пациент со западнонилска треска бил на возраст од 83 години и имал претходни заболувања.

Вториот смртен случај бил 72-годишен пациент со тешка клиничка слика на менингоенцефалитис.

Со последниот случај, бројот на починати лица се искачи на три.

Шест пациенти се во критична состојба

На Клиниката за инфективни болести во моментов се лекуваат 15 пациенти. Уште еден пациент е хоспитализиран во приватна болница.

Шестмина од пациентите се во критична состојба и се лекуваат на Одделот за интензивна нега.

Директорот на Клиниката, д-р Фадил Цана, информира дека сите шест пациенти во критична состојба се постари од 60 години.

Најмладиот хоспитализиран пациент со невроинвазивна форма на инфекцијата има 25 години.

Тој е во стабилна здравствена состојба и се лекува на Одделот за невроинфекции.

Потврдени 35 случаи

Во земјава моментално има 35 потврдени случаи на западнонилска треска.

Уште три лица се водат како сомнителни случаи и се во процес на дијагностицирање.

Досега 15 пациенти успешно се излекувани и се отпуштени од Клиниката за инфективни болести.

Клековски: Најголемо жариште во Европа е Атина

Според министерот Клековски, најголемото жариште на вирусот во Европа во моментов е во Атина.

Тој посочи дека вирусот веќе се шири и кон пограничните региони со Македонија.

Според податоците што ги изнесе министерот, во Грција се регистрирани 81 случај со невроинвазивна форма и девет смртни случаи.

Клековски додаде дека капацитетите за препознавање и дијагностицирање на вирусот се максимално зајакнати.

Инфекцијата се потврдува со два независни теста, а здравствените работници се известени за начинот на постапување.

Со последниот трет смртен случај од западнонилска треска, здравствените власти повторно апелираат на зголемена внимателност и навремено јавување кај лекар при појава на симптоми.

error: Содржината е заштитена од копирање !!