(Видео)Во Србија уапсен лидерот на „Левијатан“ Павле Бихали – осомничен дека присвоил над 192.000 евра од изборна кампања
25/11/2026 10:19
Павле Бихали е уапсен по налог на Вишото јавно обвинителство во Белград, под сомнение дека незаконски присвоил повеќе од 22,5 милиони српски динари, односно околу 192.000 евра.
Бихали (44), политички активист и лидер на движењето „Левијатан“, се сомничи за злоупотреба на положбата на одговорно лице и фалсификување исправа.
Парите биле наменети за изборна кампања
Според обвинителството, средствата биле исплатени од државниот буџет на Србија и буџетот на Град Белград.
Парите биле наменети за финансирање на изборната кампања на коалицијата „Руски малцински сојуз“ за парламентарните и локалните избори во Белград, одржани на 3 април 2022 година.
Наместо да ги врати неискористените средства, Бихали, според сомнежите на обвинителството, ги подигнал и ги задржал за лични потреби.
View this post on Instagram
Осомничен и за фалсификување исправа
Според обвинителството, Бихали во периодот од мај до јули 2022 година незаконски стекнал имотна корист во износ од 22.507.300 динари.
За истиот износ, според сомнежите, биле оштетени државниот буџет на Србија и буџетот на Град Белград.
Тој се сомничи и за фалсификување исправа.
Павле Бихали е уапсен во рамки на постапката што ја води Посебното одделение за сузбивање корупција при Вишото јавно обвинителство во Белград.
Одредено му е задржување до 48 часа, во кој период треба да биде изведен на распит пред надлежниот обвинител.






