Денеска протестен марш во Скопје против фемицидите и насилството врз жените – граѓаните бараат институционална одговорност
25/11/2026 10:27
Протестен марш во Скопје против фемицидите, насилството врз жените и институционалната неодговорност ќе се одржи денеска, со почеток во 17 часот во паркот „Жена борец“.
Организатор е неформалната феминистичка иницијатива „Ниту една повеќе!“, која бара правда за жртвите и одговорност од надлежните институции.
Маршот се одржува на 25 ноември, Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените.
„Кога институциите се глуви, да ги натераме да нè чујат!“, порачуваат организаторите.
Трета протестна акција овој месец
Денешниот марш е продолжение на протестните активности по последните случаи на насилство врз жените во Македонија.
На 8 ноември се одржа протестен марш, додека на 20 ноември иницијативата организираше блокада пред Владата.
Во фокусот на барањата е институционалната одговорност при постапувањето по пријавите за насилство врз жените.
Дополнително незадоволство во јавноста предизвика и случајот со бруталното претепување на младата Сара во Охрид.
Се бараат законски измени до 10 декември
Организациите за женски права побараа конкретни мерки за подобрување на системот за заштита на жените од насилство.
Едно од барањата е најдоцна до 10 декември да бидат усвоени измените на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство.
Организаторите бараат навремено постапување по пријавите за насилство, ефикасна заштита на жртвите и одговорност за институционалните пропусти.
Почнуваат 16 дена активизам против родово базираното насилство
Со денешниот датум започнува и меѓународната кампања „16 дена активизам против родово базираното насилство“.
Кампањата трае до 10 декември, кога се одбележува Меѓународниот ден на човековите права.
Денешниот протестен марш во Скопје е закажан за 17 часот во паркот „Жена борец“, а организаторите ги повикуваат граѓаните да се приклучат.






