По убиството на 17-годишната Билјана: В недела протестен марш во Скопје – „Не бараме сочувство, бараме одговорност“
07/11/2026 12:31По убиството на Билјана Кириќ, во недела, 8 ноември, во Скопје ќе се одржи протест против фемицидите, институционалното насилство и неказнивоста.
Протестот го организира неформалната иницијатива „Ниту една повеќе!“, а собирањето е закажано за 12 часот во паркот „Жена борец“.
Маршот ќе заврши пред МОН
Од паркот „Жена борец“, демонстрантите ќе се движат покрај Собранието и Министерството за правда, а протестниот марш ќе заврши пред Министерството за образование и наука.
Повод за протестот е случајот од Богданци, во кој животот го загуби 17-годишната Билјана Кириќ.
Од иницијативата наведуваат дека девојката претходно пријавила насилство и закани по живот и дека биле изречени мерки за заштита. Според организаторите, случајот повторно го отвора прашањето за ефикасноста на институционалната заштита на жените и девојките.
„Не бараме сочувство, бараме одговорност“
„Не бараме сочувство. Бараме одговорност“, е една од главните пораки со кои се најавува протестот.
Организаторите бараат целосна и транспарентна истрага за случајот во Богданци и утврдување евентуална одговорност за институционални пропусти.
Тие бараат јавноста да добие одговор кој постапувал во случајот, какви мерки биле преземени и зошто тие не го спречиле трагичниот исход.
Бараат и законски измени
Меѓу барањата е и забрзување на измените на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство.
Иницијативата бара и враќање на поимот „род“ во законите, упатствата и програмите од кои, според нив, бил отстранет.
Дополнително, тие повикуваат на политичка и институционална одговорност од лица на јавни функции кои, според нивната оценка, го оправдуваат или нормализираат насилството врз жените.
По протестот во Богданци, собир и во Скопје
Протестот во Скопје следува по мирниот собир што веќе се одржа во Богданци во чест на Билјана, каде граѓаните запалија свеќи и побараа навремена реакција против насилството врз жените.
По убиството на Билјана Кириќ, иницијативата „Ниту една повеќе!“ порачува дека случајот не смее да остане третиран само како изолирана трагедија и бара одговорност и конкретни институционални мерки.






