MKinformer

your daily dose of news

Закон не ја фаќа: 104 пријави за „мисицата на кравите“ и нејзиното семејство, од кои 37 за кривични дела

25/11/2026 15:40

Вкупно 104 пријави, од кои 37 се однесуваат на кривични дела, биле евидентирани од МВР за „мисицата на кравите“ и нејзиното семејство од Крива Паланка.

По последниот пријавен физички напад врз 67-годишна жена од селото Дрење, Основното јавно обвинителство Крива Паланка разгледува дали има потреба од изрекување мерки за претпазливост.

Против „мисицата“, нејзиниот татко и сестра е поднесена кривична пријава за тешка телесна повреда.

Од 104 пријави, 37 се за кривични дела

Според претходно објавените податоци од Министерството за внатрешни работи, за семејството биле евидентирани:

  • 21 пријава за кривични дела што се гонат по службена должност;
  • 16 пријави за кривични дела што се гонат по приватна тужба;
  • 43 пријави за упатени лица;
  • 18 поплаки;
  • 6 пријави за нарушување на јавниот ред и мир.

Ваквата статистика отвора сериозни прашања за досегашното постапување на надлежните институции.

Каков е исходот од претходните 37 случаи поврзани со кривични дела? Какви мерки биле преземени против членовите на семејството и дали тие биле доволни?

По расправија за добитокот, 67-годишна жена завршила со скршеница

Последниот инцидент се случил на 21 ноември, околу 9 часот, додека 67-годишната жена го напасувала добитокот.

Според кривичната пријава, по вербална расправија, таткото и неговите две ќерки физички ја нападнале жената.

Таа била влечена и туркана, по што паднала на земја и се здобила со скршеница на левиот скочен зглоб.

Против тројцата е поднесена кривична пријава за „тешка телесна повреда“ по член 131 став 1 од Кривичниот законик.

Обвинителството сега разгледува мерки за претпазливост

Надлежниот јавен обвинител наредил медицинско вештачење за утврдување на видот и карактерот на повредите. Истовремено се обезбедуваат и други докази.

Обвинителството проценува дали има потреба од изрекување мерки за претпазливост против пријавените.

При проценката ќе бидат земени предвид нивното претходно однесување, како и постапките што се воделе или сè уште се водат против нив.

Засега не е соопштено дали претходно биле изрекувани мерки против членовите на семејството и каков бил нивниот ефект.

Од уништени ниви и имоти до пријавен физички напад

Со години жителите на Крива Паланка и околните населени места се жалат на проблемите со неконтролираното движење на стотици говеда.

Уништени земјоделски површини, оштетен приватен имот и загрозена безбедност во сообраќајот се дел од проблемите за кои граѓаните бараат институционално решение.

Сега, покрај материјалните штети, има и кривична пријава за физички напад врз жена која се здобила со тешка телесна повреда.

Колку пријави се потребни за ефикасна институционална реакција?

По вкупно 104 пријави, од кои 37 се однесуваат на кривични дела, јавноста заслужува одговор за исходот од досегашните постапки.

Дали институциите ги искористиле сите законски механизми што им стоеле на располагање? Дали со навремено постапување можело да се спречи последниот инцидент?

Засега, по пријавениот напад врз 67-годишната жена, Обвинителството сè уште проценува дали има потреба од изрекување мерки за претпазливост.

error: Содржината е заштитена од копирање !!