MKinformer

your daily dose of news

Бектеши ја објави пораката поради која полицијата го гони за „попречување на правда“- Ова е политички прогон, вели екс министерот

29/07/2024 16:41

Поранешниот министер за економија Крешник Бектеши ја објави пораката поради која охридската полиција му поднесе кривична пријава за дело „попречување на правда“ и која била упатена до полициски началник во Охрид. Полициската пријава, Бектеши ја смета за политички прогон и обид да го заплашат.

-Секоја Ви чест. Јаки сте. Срамота треба да Ви е, што се занимавате со млади луѓе, стои во пораката која била упатена преку апликацијата whatsapp на 7-ми мај.

Пораката била упатена до полициски началник, а поради оваа порака полицијата во Охрид сметала дека Бектеши сторил сериозно кривично дело за кое има предвидена и двоцифрена затворска казна.

Бектеши, во својата објава на ФБ наведува дека пријавата ја смета за политички прогон и објаснува што се случувало тој ден.

-На 7-ми мај во својство на координатор на Европскиот фронт во ИЕ 5 добив информација, од штабот на Европскиот фронт во Охрид дека на денот на изборниот молк бил проверуван шефот и членовите на изборниот штаб, од страна на охридската полиција, што е директна полициска интервенција во изборниот процес, наведува Бектеши.

Тој вели дека „должноста на раководителот на секторот е да обезбеди фер и демократски избори“ и ја објави пораката за која вели дека ја испратил како „човек кој има одговорност и за изборниот процес.“

Бектеши смета дека целта на пријавата е да го заплашат и дека целта на пријавата е одмазда за дебаклот кој се случил на 8-ми мај. Не наведува на кого точно мисли, но тврди дека станува збор за вазалите за кои гласачите кои им дадоа глас сега се чувствуваат предадени од нив.

Случајот не е пријавен веднаш, туку пријавата е поднесена три и пол месеци по завршувањето на изборите. Пријавата е објавена во дневниот билтен на МВР на 25-ти јули оваа година, а никаде не е наведено дека зад иницијалите К.Б. (39) се крие поранешен министер.

error: Содржината е заштитена од копирање !!