MKinformer

your daily dose of news

Родителите на Васил Јованов изразија сочувство за трагичната смрт на Фросина Кулакова

09/02/2025 9:50

Мајката и таткото на возачот Васил Јованов, кој ја усмрти Фросина Кулакова, денес на прес-конференција изразија сочувство поради трагичната смрт на младата девојка. Скршена од тага и болка, мајката на Васил, Ана Јованова, во изјава за медиумите пренесе родителско сочувство, особено до мајката на Фросина, нагласувајќи дека само мајка може да го разбере болката на друга мајка во ваква ситуација.

Ана истакна дека во тој трагичен момент се зацрнија два дома.

„Мислам дека само тој што има дете, би можел да се стави во нашата кожа и да претпостави колку е страшно и болно и каков товар е тоа. Секој ден се молиме на Бога семејството на Фросина да ја издржи оваа загуба“, изјави Ана, додавајќи дека тие како родители загубиле дете кое починало по 23 часа од породувањето.

„По бројни обиди да имаме уште едно дете, судбината реши да не остави само со едно“, рече мајката, одговарајќи на прашање од новинарите.

Таа нагласи дека не ја познава судијката Даниела Алексовска-Стојановска, која првпат ја видела во судница на рочиштата.

„Можеби е сопруга на некој мој поранешен колега, но не сум свесна за тоа. Бог ми е сведок“, рече Јованова.

Таткото на Васил, Зоран Јованов, изјави дека неговиот син по претходната пресуда за кривично дело „навистина се променил“, престанал со пушење и се посветил на спорт. Тој посочи дека син му сам си нашол психолог и духовен водач во манастирот Св. Јован Бигорски.

Зоран објасни дека никогаш не размислувал да влијае или да „повлече врски“ за својот син. Додаде дека „не е човек надвор од системот“. Како и Ана, тој потврди дека не ја познава судијката Стојановска и ја видел само во судница.

„24 години секое утро го поздравувам македонското знаме. Апсолутно верувам во казнивост и одговорност“, рече Зоран на прес-конференцијата, на која присуствуваше и адвокатот на Васил, Сашко Дукоски. Тој демантираше многу наводи што се изнесоа во јавноста, како што се брзината на возењето и наводните заштити од страна на родителите.

„Вештачењето е започнато вчера и апелирам да не се прават повици за линч, туку да се остават институциите да ја завршат својата работа“, рече Дукоски.

error: Содржината е заштитена од копирање !!