Вештачка интелигенција: Пријател или непријател за работниците?
10/02/2025 10:07
Вештачката интелигенција која постојано напредува ќе биде од голема помош во многу професии, но некои од нив ќе бидат целосно заменети. Овој напредок ги потврдува претпоставките дека човештвото е на прагот на значајна промена, на нова индустриска револуција.
Со тоа се согласуваат и софтверските инженери, кои секојдневно работат со вештачка интелигенција, а кои велат дека првите кои ќе се соочат со автоматизација ќе бидат административните и техничките работни места. Тие ќе се заменат од автоматизирани процеси.
„Еден од аспектите е дека вештачката интелигенција може да доведе до укинување на некои работни позиции, бидејќи многу задачи веќе може да се извршат автоматски. Но, сметам дека ова нема да има драстични последици по бројот на работни места, но ќе доведе до значителни промени бидејќи одредени задачи ќе се извршуваат побрзо и поефикасно“, вели Стефан Андонов, асистент на ФИНКИ.
Вештачката интелигенција веќе се користи и во образовниот систем. Од една страна, таа ја олеснува работата на професорите, но од друга страна ја комплицира, бидејќи сега мораат да проверуваат дали учениците и студентите ги злоупотребуваат алатките како ChatGPT, наместо сами да ги пишуваат есеи или решаваат задачи.
„Јас лично секојдневно ја користам за различни задачи во образованието, помош при креирање задачи и понекогаш во прегледувањето на задачи. Во софтверската индустрија, оваа технологија значително ја олеснува нашата работа, особено во пишување код“, додава Стефан Андонов.
Анализите на Меѓународниот монетарен фонд покажуваат дека вештачката интелигенција може да има влијание на околу 40% од работните места во светот, заменувајќи некои, додека други ќе бидат дополнети со нови задачи.
Извештајот на Goldman Sachs предвидува дека ВИ може да се најде на патот на до 300 милиони работни места во блиска иднина, при што 50% од глобалната работна сила ќе биде изложена на ризик од автоматизација.
И покрај тоа, програми како ChatGPT можат да бидат корисни не само во професионални, туку и во секојдневни активности. На пример, тие можат да помогнат при организација на викенд патување со ограничен буџет, да предложат места за посета, да понудат рецепти со состојки што ги имате во фрижидерот или да дадат препораки за книги и филмови според вашите желби и расположение.






