MKinformer

your daily dose of news

Денес е Прочка: Ден на проштевање и традиции пред Велигденскиот пост

02/03/2025 9:07

„Прости ми, да ти простам“ – со овие зборови денеска верниците, на големиот празник, ќе забораваат на кавгите, на проблемите и на недоразбирањата, и со чиста совест и душа ќе го започнат Велигденскиот пост. Прочка, или Велики поклади, е ден во православното христијанство кога верниците си простуваат меѓусебно пред почетокот на Велигденскиот пост. Датумот на Прочка се менува секоја година, во зависност од датата на Велигден, и секогаш се одбележува точно седум недели пред него. За Прочка, семејството треба да го помине празникот во топла и пријатна атмосфера, со обилна трпеза. (Ова често го забораваме, мислејќи дека само на Велигден и Божиќ треба да се собереме сите.) Помладите членови на семејството треба да побараат прочка од постарите со зборовите „Прости ми“, а постарите им одговараат „Простено да ти е од мене и од Бога“.

Обичаи

На овој ден се изведуваат бројни обичаи, како што се проштевањето, по што и празникот го добил своето име. Покрај тоа, се практикуваат и амкањето, обредните огнови, богатата трпеза, гатањето за живот и среќа, како и обичаите за очистување од болви, вошки и други штетници. Овие обичаји се древни и македонски, пренесувани од колено на колено. Од верски аспект, единствено простувањето како обичај има христијанска основа, додека другите обичаи се остатоци од претхристијанските пролетни празнувања. Неделата пред Прочка се нарекува бела или сирна недела, кога не се јаде месо, туку се консумираат млечни производи или сукани пити. Прочка во семејството се одбележува со богат ручек, кој завршува со амкање на јајца. Варено јајце се врзува на конец над трпезата и се завртува над главите на децата. Детето што ќе успее да го гризне јајцето се прогласува за најсреќно во следната година и добива награда. Еден од главните елементи на Прочка е маскирањето и преоблекувањето. Според обичајот, за Велики поклади порано се маскирале само мажите, а маските морале да бидат што пострашни и посмешни.

error: Содржината е заштитена од копирање !!