Денеска е Прочка, ден на прошка, помирување и духовна подготовка пред Велигденскиот пост
22/02/2026 9:55
Денешниот ден православните христијани го одбележуваат како Прочка, еден од најзначајните празници во обредниот календар, кој се празнува непосредно пред почетокот на Велигденскиот пост.
Прочка е ден посветен на меѓусебното опростување, помирување и духовно прочистување. Според традицијата, помладите членови на семејството им се обраќаат на постарите со зборовите: „Прости ми ако нешто сум ти згрешил“, на што добиваат одговор: „Простено ти е и од мене и од Бога“. Со овој чин се нагласува значењето на прошката како темел на семејната хармонија и меѓучовечките односи.
Во духовна смисла, празникот потсетува на паѓањето на првосоздадениот Адам и неговото изгонување од рајот поради непослушноста и невоздржаноста. Светите отци го поставиле споменот на овој настан непосредно пред почетокот на светата Четириесетница, за да укажат на потребата од пост како средство за духовно лекување и обновување.
Според православното учење, Адам, преку прекршувањето на Божјата заповед, ја навлекол смртта врз себе и врз целиот човечки род. Наспроти тоа, Христос со четириесетдневниот пост и послушноста покажал пат кон спасението. Токму затоа Велигденскиот пост претставува духовна подготовка и можност за враќање кон вредностите на воздржаноста, смирението и верата.
Прочка не е само обичај, туку повик кон лична одговорност, преиспитување и обновување на односите, со ближните и со Бога.
НЕКА Е ЗА МНОГУ ГОДИНИ !!!





