MKinformer

your daily dose of news

Немири во и пред Градското собрание на Белград

06/03/2025 16:12

Пред зградата на Градското собрание на Белград денеска избувна инцидент меѓу демонстрантите и припадниците на обезбедувањето, откако граѓаните се обидоа да ја отстранат заштитната ограда.

Обезбедувањето, според извештаите на српските медиуми, реагирало со употреба на физичка сила, што довело до жестока тепачка. Видеоснимките покажуваат дека некои припадници на обезбедувањето удриле граѓани, по што тие возвратиле. Тепачката завршила со повлекување на обезбедувањето назад во кругот на зградата.

Во Градското собрание се одржуваше седница на која беа разгледувани повеќе предлог-одлуки, вклучувајќи ребаланс на буџетите на градските комунални претпријатија.

Граѓанската иницијатива „Мост останува“ повика на блокада на седницата, со аргумент дека единствените легитимни точки на дневниот ред треба да бидат поддршка за студентските протести и мораториум на нетранспарентни градежни проекти.

По завршувањето на седницата, инцидентите продолжиле. Полицијата во опрема за разбивање демонстрации била распоредена пред зградата, а неколку лица биле приведени.

Ситуацијата дополнително се вжештила кога припадниците на приватното обезбедување се обидоа да излезат од зградата за да му помогнат на свој колега, кој беше испрскан со солзавец. Собраните граѓани се обидоа да го спречат неговото евакуирање со Брза помош, но на крајот било дозволено да го однесат во болница.

Министерот за внатрешни работи, Ивица Дачиќ, изјави дека полицијата интервенирала по барање на вработените во Градското собрание и дека не вршела притисок врз граѓаните. „Нашата задача е да го одржуваме јавниот ред и мир“, рече Дачиќ.

error: Содржината е заштитена од копирање !!