MKinformer

your daily dose of news

Киев и Москва повторно на преговарачка маса – директни разговори по пауза од 2022

14/05/2025 14:01

По повеќе од две години, Киев и Москва ќе седнат на иста маса за официјални преговори, првпат по април 2022 година. Иницијативата доаѓа од рускиот претседател Владимир Путин, а украинскиот лидер Володимир Зеленски ја прифати. Состанокот ќе се одржи во Истанбул, а постои можност таму да се појави и американскиот претседател Доналд Трамп, кој во моментот престојува на Блискиот Исток. Сè уште не е потврдено дали и Путин лично ќе учествува, иако е познато дека руската делегација ќе ја предводат Сергеј Лавров и Јуриј Ушаков. Не е исклучено ниту Трамп, ниту Путин да се појават ненадејно на средбата.

Во пресрет на заминувањето кон Истанбул, Зеленски излезе со обвинување за руски напад со дрон врз градот Харков. Сепак, најави дека ќе патува во Турција, каде освен средбата со руската страна, планирана е и билатерална средба со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

„Во моментов се спроведуваат итни интервенции во Харков, по напад со руска беспилотна леталица. Првичните информации велат дека нема жртви. Станува збор за напад врз енергетска инфраструктура, цивилна по природа. Русија продолжува со агресија додека светот чека одговор за прекин на огнот и почеток на разговори“, изјави Зеленски.

Патот до денешната средба беше релативно брз. На 7 мај, американскиот потпретседател Џ.Д. Венс изјави дека приоритет е директна комуникација меѓу двете земји. Само неколку дена подоцна, на 10 мај, европските лидери се приклучија на повикот за едномесечен прекин на огнот, кој започна на 12 мај. Тие предупредија дека ќе следуваат нови санкции против Русија доколку не се согласат со примирјето. Истата вечер, Владимир Путин предложи состанок во Истанбул за 15 мај, подвлекувајќи дека прекин на огнот може да се постигне само преку преговори.

„Русија е одговорна и за почетокот и за продолжувањето на конфликтот. Тоа го разбира целиот свет. Потребно е да ѝ се покаже дека трпението на меѓународната заедница има граници. Војната мора да заврши – со достоинство и правда. Русија зборува за дијалог, но кога ќе дојде време за конкретни чекори, таа се повлекува“, рече Зеленски.

На состанокот во Истанбул ќе присуствува и американскиот државен секретар Марко Рубио, придружуван од специјалните пратеници Стив Виткоф и Кит Келог. Детали за темите што ќе се разгледуваат засега нема многу, поради чувствителноста на прашањата. Според Виткоф, кој неодамна се сретнал со Путин, на маса ќе се најдат прашања за статусот на украинските територии под руска контрола, нуклеарната централа Запорожје, и пристапот на Украина до реката Днепар и Црното Море.

Во изјава за „Бритбарт њуз“, Виткоф истакна дека „ниеден договор нема да биде валиден без лична согласност од Владимир Путин“. Тој додаде дека зголемената дипломатска активност е дел од пораката на американскиот претседател Доналд Трамп до двете страни – „или останете на преговарачка маса, или САД ќе се повлечат од процесот“.

error: Содржината е заштитена од копирање !!