Србија, Бугарија, БиХ и Црна Гора прогласија ден на жалост по трагедијата во Кочани
18/03/2025 9:19
Денеска во Македонија се одбележува ден на жалост во знак на сеќавање на трагедијата во Кочани, во која животот го загубија 59 млади лица, а над 150 се повредени и хоспитализирани. За време на седумдневната жалост прогласена од Владата, знамињата ќе бидат на половина копје, ќе се откажат сите музички и забавни активности, а настаните во установите од областа на културата ќе се прилагодат. Програмата на медиумите, исто така, ќе биде прилагодена. Во знак на почит, отворени се книги на жалост во Собранието, Министерството за надворешни работи и во македонските амбасади низ светот.
Во знак на солидарност со Македонија, денеска ден на жалост прогласија Србија, Бугарија, Босна и Херцеговина, а вчера и Црна Гора. Српската Влада, по предлог на претседателот Александар Вучиќ, го прогласи 18 март за ден на жалост, додека дел од повредените во несреќата се испратени на лекување во Србија. Претседателот Вучиќ вчера ги посети повредените и изјави дека во здравствените установи во Србија ќе бидат згрижени 29 лица.
И бугарската Влада на вонредна седница донесе одлука да прогласи ден на жалост во знак на солидарност со Македонија. Премиерот Росен Жељазков изрази сочувство до семејствата на загинатите и им посака брзо закрепнување на повредените. Во Бугарија се лекуваат 14 македонски државјани, а Жељазков изрази подготвеност да прифатат и други повредени ако биде потребно. Премиерот исто така нагласи дека трагедијата ги надминува сите политички и општествени разлики и дека во вакви моменти, човечката солидарност е најважна.
Денеска ден на жалост е прогласен и во Босна и Херцеговина, а вчера и во Црна Гора.





