MKinformer

your daily dose of news

Македонија во солзи и тага се прости со 59 загинати во трагичниот пожар

20/03/2025 20:33

Најголем број од жртвите беа погребани во Кочани… Роднините и пријателите, скршени од болка, за последен пат се збогуваа со своите најблиски, додека неколку пати интервенираше и Итната медицинска помош…

Најцрн ден во поновата историја: Македонија во солзи и тага се збогува со 59 жртви во трагичниот пожар

Траурна тишина што на моменти беше прекинувана со лелекот и плачот на ожалостените, како и со свирежите на амбулантните возила. Кочани го доживеа најтажниот ден во својата понова историја.

Граѓаните се простија од своите деца, браќа, сестри и соседи. 31 жртва од Кочани, претежно млади луѓе, заминаа прерано.

Илјадници луѓе се собраа и во тишина ги оддадоа почитите на своите сограѓани. Колоната граѓани се упати кон градските гробишта. Голем дел од роднините на загинатите не ја издржаа болката и беа пренесени со амбулантни возила до болницата во Кочани.

Погребалната церемонија започна на пладне, а со неа чиноначалствуваше Архиепископот на МПЦ ОА, ГГ Стефан, во присуство на повеќе митрополити.

Црковниот дел заврши, а илјадниците граѓани во колони им оддадоа почит на секој настрадан. По церемонијата, се упатија назад кон градскиот плоштад. Целата церемонија се одвиваше мирно, со силно полициско обезбедување, како и со присуство на болнички и пунктови на Црвениот крст. Водушниот простор над Кочани беше надлетуван од полициски дронови.

„Кочани нема да биде ист“, говорат тивко жителите на градот, натажени од загубата на цела млада генерација. Денес, тагуваше и Облешево, кое со соседните села изгуби 8 млади луѓе во катастрофалниот пожар во дискотеката на смртта.

Сите патишта водеа кон градските гробишта во Кочани. Поворка од граѓани и погребни возила се движеше по улицата, додека жителите со солзи во очите немо ја следеа колоната од возила.

Погребот траеше околу еден час, а потоа граѓаните се упатија кон градскиот плоштад, каде продолжија да ги разгледуваат фотографиите.

Иако ЗНМ и Владата упатија апел да не се снима погребот и да се почитуваат семејствата, новинарски екипи од Македонија и странство го прекршија ова правило.

Најмладите загинати, според извршените обдукции, се шест малолетници, додека најголем број на жртви се на возраст од 24 до 26 години. Највозрасниот загинат имал 46 години. Вкупно 59 луѓе ги загубија животите во несреќата, од кои 31 се погребани во Кочани.

error: Содржината е заштитена од копирање !!