Мицкоски најави нови странски инвестиции во Штип и зголемени плати во здравството
31/03/2025 9:28
Премиерот Мицкоски на денешната посета на струмичко Ново Село, во одговор на новинарско прашање, најави нови странски инвестиции, од кои најзначајна е започнувањето на производниот капацитет на фабриката „Магна“ во Штип. Инвестицијата, вредна 45-50 милиони евра, ќе донесе нови 500-600 добро платени работни места.
„Странски инвестиции секојдневно доаѓаат, и во моментов разговараме со околу 15 инвеститори, од кои очекувам половината, ако не и сите, да бидат успешни“, изјави Мицкоски. Според него, државата повторно се позиционира како главна дестинација за странски инвестиции во регионот, при што целта за оваа година е да се генерираат уште повеќе инвестиции по глава на жител.
Во однос на зголемувањето на платите за здравствените работници, Мицкоски потврди дека од март платите ќе бидат зголемени за 15%, а до крајот на мандатот зголемувањето ќе достигне 40-50%. Тој нагласи дека буџетот за здравството, кој во Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) достигнува историски највисоки 53 милијарди денари, е за 18 милијарди повеќе во споредба со времето на пандемијата, кога изнесуваше 35 милијарди денари.
„Инвестициите во здравството се приоритет, а со ова зголемување на буџетот продолжуваме со враќањето на долговите што ги генерираше претходната Влада“, додаде премиерот.
Мицкоски исто така најави дека од 1 април ќе започне исплатата на линеарно зголемените пензии, кои ќе бидат зголемени за 2.500 денари. Со ова, вкупното линеарно зголемување на пензиите ќе достигне 5.000 денари, што беше ветено во текот на претходната година и ќе биде реализирано за девет месеци.
„Го испорачуваме сето она што го ветивме, и продолжуваме да работиме за интересот на граѓаните“, изјави Мицкоски.






