Прво сведочење на Љупчо Палевски: „Не сум ги киднапирал, ниту убил Вања и Панче“
14/04/2025 21:38
Во својот прв исказ пред Кривичниот суд, Љупчо Палевски – Палчо негираше вмешаност во грабнувањето и убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски. Палевски тврди дека нема мотив да ги стори делата и дека целата постапка против него е политички монтирана.
„Случајот е конструкција – немам мотив“
„Не сум ги извршил убиствата и грабнувањата затоа што немам мотив за тоа. Во Обвинителството се наоѓа хард диск со 200.000 разговори од политичката и новинарската елита. Ако сакав корист, ќе уценував милијардери со ‘ферари’, но тоа не го направив“, изјави Палевски.
Тој објасни дека на 22 ноември 2023 – денот кога е убиен Панче Жежовски – се наоѓал во седиштето на неговата партија Десна, каде што имал состаноци. Признава дека ги познава некои од другите обвинети, но не и Александар Ѓорчевски, за кого тврди дека првпат слушнал од кривичната пријава.
✈️ За Турција: „Не бегав – отидов на прегледи и по историја“
Палевски изјави дека неговото патување во Турција не било обид за бегство, туку заради медицински преглед и историско истражување.
„Заминав за Турција затоа што ми требаше магнетна резонанца. Втората причина беше посетата на воениот архив во Истанбул за да докажам дека Гоце Делчев не бил убиен од Турците, туку од врховистите. Во Москва само планирав да одам, немав ни авионска карта“, рече Палевски.
Сведочеше и таткото на Вања: „Пораките ги пратив со надеж…“
Денеска сведочеше и Александар Ѓорчевски, татко на убиената Вања. Тој пред судот раскажа како реагирал откако ќерката исчезнала.
Судија: На која апликација ја пративте пораката?
Александар Ѓорчевски: СМС пораки, на нејзиниот телефон. Првата порака беше „Сè што ќе побарате, сè ќе направиме“. Подоцна пратив и втора: „од родителите“. Се надевавме дека ќе го вклучат телефонот и ќе ја видат пораката.Судењето продолжува во среда со ново сведочење на Љупчо Палевски.





