MKinformer

your daily dose of news

Сите основни училишта во Карпош добиваат фотоволтаични системи

15/04/2025 17:53

Општина Карпош интензивно работи на унапредување на енергетската ефикасност и користење на обновливи извори на енергија, особено во јавните установи како што се основните училишта и детските градинки. Со тоа, значително се подобруваат условите за престој и работа на децата и наставниот кадар.

Изминатиот викенд започна поставувањето на фотоволтаични панели во ООУ „Војдан Чернодрински“ и ООУ „Владо Тасевски“. Станува збор за он-грид фотоволтаични системи со капацитет од 20 KW, кои ќе овозможат значителни заштеди на електрична енергија, намалување на трошоците и придонес кон заштита на животната средина.

Во петокот, фотоволтаичен систем со капацитет од 25 KW беше поставен и во ООУ „Братство“, за што Општина Карпош обезбеди средства од својот буџет во висина од 1.000.000 денари. Во наредниот период, Секторот за екологија и енергетска ефикасност ќе изготви стручна анализа за прецизно утврдување на очекуваните заштеди.

„Со поставувањето на овие системи, училиштата ќе остваруваат заштеда, особено во летниот период кога нема настава, што ќе им овозможи дополнителен приход и намалени трошоци за струја во зима. Покрај оваа иницијатива, се залагаме сите училишта да добијат вештачка трева на спортските терени, компјутерски сали и смарт панели за учениците од петто до осмо одделение. Целта ни е сите училишта да бидат модернизирани и прилагодени на современите образовни потреби“, изјави градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски.

Досега, со сопствени средства, општината постави вакви системи во училиштата „Јан Амос Коменски“, „Лазо Трповски“, „Димо Хаџи Димов“, „Петар Поп Арсов“ и „Вера Циривири Трена“, со капацитети до 40 KW.

Во рамки на Програмата за екологија и енергетска ефикасност за 2025 година и Акциониот план ЛЕАП 3, во наредниот период ќе се постават фотоволтаични панели и во училиштата „Аврам Писевски“ и „Христијан Тодоровски Карпош“, со што сите основни училишта на територијата на општината ќе бидат опремени со сопствени системи за производство на струја.

Овој проект претставува пример за системски пристап кон енергетската ефикасност, финансиска одржливост и еколошка одговорност.

error: Содржината е заштитена од копирање !!