Денес е Велика Среда – ден на покајание и предавство
16/04/2025 9:59
Денеска е Велика Среда – ден што во Православната Црква се одбележува со три значајни настани: последното помазание на Господа Исуса Христа, заговорот на јудејските старешини да Го убијат, и предавството на Христа од страна на апостол Јуда за триесет сребреници.
Според евангелските текстови (Матеј 26,6-16), Исус бил помазан со скапоцено миро во Витанија, во куќата на Симон Прокажениот. Жената што Го помазала Го подготвила за погребение, како што и Самиот Христос рекол (Јован 12,7). Ова помазание било чин на длабока почит и љубов, наспроти среброљубието на Јуда кој негодувал заради „расфрлањето“ со скапоценото миро.
Во Евангелијата се опишани три различни помазанија: од грешницата кај Симон Фарисејот (Лука 7), од Марија, сестрата на Лазар (Јован 12), и од неназначена жена кај Симон Лепрозниот (Матеј 26, Марко 14). Секоја од овие случки има посебна симболика, време и место.
Јуда Искариот, еден од апостолите, отишол кај првосвештениците и понудил да им Го предаде Исуса за 30 сребреници – симболична цена што според Стариот Завет се давала за роб. Така се исполнил заговорот на книжниците и првосвештениците, кои сакале да Го убијат Исус пред Пасха, но тајно, за да не избие бунт меѓу народот.
Велика Среда е ден кога верниците се потсетуваат на гревот на среброљубието и на потребата од покајание. Денес завршуваат великопосните богослужби и се врши последната Предосветена Литургија. Во некои манастири, на овој ден се извршува и чин на прошка, како на Прочка.
Завршува и мироварението – подготвување на светото миро, коешто се собира во 12 алабастрени садови, симболично претставувајќи ги апостолите.
Верниците денес со покајание ги поминуваат последните денови од Страстната седмица, чувствувајќи тага за страдањата на Христа, но и радост за даруваното спасение.
Споменот на жената која Го помазала Господа и опомената од предавството на Јуда, се вечна поука: љубовта кон Бога треба да биде пожртвувана, а среброљубието води кон пропаст.






