MKinformer

your daily dose of news

Силни знаци за живот на далечна планетa

17/04/2025 9:09

Астрономите открија најубедливи траги за можно постоење на живот надвор од нашиот Сончев систем. Планетата К2-18б, сместена во соѕвездието Лав на околу 124 светлосни години од Земјата, покажува присуство на хемиски соединенија што на нашата планета ги создава само живиот свет.

Со помош на вселенскиот телескоп Џејмс Веб, научниците забележале присуство на диметил сулфид (DMS) и диметил дисулфид (DMDS) — гасови што на Земјата ги произведува морскиот фитопланктон и кои се сметаат за биолошки потписи.

„Ова е најсилниот доказ досега дека биолошка активност може да постои на планета надвор од Сончевиот систем“, изјави Нику Мадхусудан од Универзитетот во Кембриџ, кој го води истражувањето.

Што знаеме за планетата К2-18б?

  • Таа е околу 2,6 пати поголема и 9 пати потешка од Земјата.

  • Орбитира околу црвено џуџе – ѕвезда помала од Сонцето.

  • Се наоѓа во зона погодна за живот, каде што температурите овозможуваат водата да постои во течна состојба.

  • Постои сомнеж дека е покриена со огромен океан, што дополнително ја зголемува можноста за живот.

Првичните набљудувања уште во 2019 година, со телескопот Хабл, укажаа на присуство на водена пареа, по што К2-18б беше прогласена за една од најпогодните планети за живот. Подоцнежните анализи покажаа дека се работи за метан, но новите податоци со Џејмс Веб повторно ги разгореа надежите.

Присуството на DMS и DMDS, според научниците, има само 0,3% шанси да биде резултат на случајни процеси. Засега, не постои познат абиотски процес што може да го објасни ова без вклучување на биолошка активност. Се разгледуваат и други хипотези, како што се удари од комети, но тие би барале екстремно интензивно и нереално бомбардирање.

И покрај возбудливите наоди, научниците остануваат претпазливи. Други локации, како Марс и сателитот Енцеладус на Сатурн, сè уште се сметаат за поголеми кандидати за живот поради нивната блискост и можноста за директни мисии.

„Во астрономијата, прашањето не е како да стигнеме таму. Целта е да разбереме дали биолошките закони важат низ целиот Универзум“, вели Мадхусудан. „Не мораме да се нурнеме во вода за да фатиме риба.“

Откритието е нов поттик за научната заедница да продолжи со истражување на егзопланетите. Можеби не сме сами – и можеби, одговорот на тоа вечно прашање веќе се наоѓа во некој далечен дел од вселената.

error: Содржината е заштитена од копирање !!