MKinformer

your daily dose of news

Православните и католичките христијани заеднички го слават Велигден – Христовото Воскресение

20/04/2025 9:36

На полноќ, во сите храмови на Македонската православна црква, свечено беше објавено Христовото Воскресение – најголемиот христијански празник, Велигден. Верниците денеска се собираат на воскресенски литургии, прославувајќи ја победата на животот над смртта и божествената природа на Исус Христос, кој со своето воскресение внесе надеж и радост меѓу верните.

Централната богослужба ја предводеше поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан, во соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје. Во својата велигденска порака тој ја пренесе веста за Христовото воскресение, истакнувајќи ја нејзината сила и значење за целото човештво:

„Чудесната вест од празниот гроб, дека Христос воскресна, сè уште одекнува низ светот и носи нова радост и надеж. Господ Христос ја поднесе жртвата не за Себеси, туку за нас – за да нè избави од смртта и да ни дарува живот“, истакна г.г. Стефан.

Оваа година празникот добива посебна емоционална димензија поради трагедијата што неодамна ја потресе Кочани. Поглаварот на МПЦ се осврна и на оваа болка во својата порака:

„Трагедијата во Кочани нè сплоти во тага, во молитви и во надеж. Во моментите на разделба со младите животи кои ги изгубивме, единствената утеха ни беше вербата во воскресението и надежта во вечниот живот“, рече тој.

Особено значајно оваа година е што Велигден го празнуваат заедно и православните и католичките христијани – нешто што ретко се случува поради разликите во календарите кои ги користат двете цркви (јулијанскиот и грегоријанскиот). Последен пат празникот се совпадна во 2017 година, а следниот пат ќе биде во 2028 година.

error: Содржината е заштитена од копирање !!