MKinformer

your daily dose of news

Асоцијален ученик во „Јан Амос Коменски” го тепа цело одделение

14/05/2025 13:49

Речиси цела паралелка во 4-то одделение во основното училиште ,,Јан Амос Коменски” во Карпош ја бојкотира наставата поради насилен ученик. Како што велат родителите на децата тие не се безбедни поради однесувањето на ученикот. Во петокот ситуацијата ескалирала откако насилниот ученик ја нападнал наставничката која била загризана по раката и удирана по главата при што морала да интервенира и Брзата помош.

Утринава родителите со писмен допис кој е архивиран се обратиле до стручната служба на основното училиште и до директорката. Во дописот пишува дека донеле одлука нивните деца да не посетуваат настава поради безбедносни причини.

„Ви се обраќаме како родители длабоко загрижени за безбедноста и психолошката состојба на нашите деца. Според информациите што ги добивме од нив, на 09.05.2025 за време на наставата се има случено сериозен инцидент при кој ученик физички ја нападна одделенската наставничка, а потоа и другите ученици. Настанот предизвика страв и длабока вознемиреност кај нашите деца. Воедно, ова е еден од бројните инциденти кои се предизвикани од истиот ученик каде што физички биле нападнати неговите соученици. Сметаме дека во моменталната состојба не се обезбедени основни услови за нивна сигурност, како и за соодветно водење на наставата поради што одлучивме да не ги пуштаме на настава додека не се преземат соодветни мерки за решавање на ситуацијата и гарантирање на безбедна училишна средина. Оваа одлука е донесена заеднички од страна на мнозинството родители на учениците од одделението со цел заштита на нашите деца“

Од Министерството за внатрешни работи велат дека во петокот на 9 мај во 14 часот во СВР Скопје А.Г.(45) од Скопје пријавила дека во основно училиште на подрачјето на Карпош, во училница, за време на одржување на училишен час, била физички нападната од 10-годишен ученик. По целосно документирање на случајот од страна на СВР Скопје испратено е известување до Центарот за социјална работа-Скопје за нивно понатамошно постапување, велат од МВР.

Попладнево родителите добија одговор од училишното раководство дека ученикот ќе биде „повлечен од настава на неодредено“ додека родителите да посетат соодветни институции со цел подобрување на состојбата на ученикот.

error: Содржината е заштитена од копирање !!