Грција со нови строги сообраќајни казни – високи глоби за користење телефон, возење без кацига и други прекршоци
09/06/2025 8:45
Грција наскоро ќе воведе нов сет на строги сообраќајни закони со цел зголемување на безбедноста на патиштата. Мерките, кои треба да бидат усвоени од парламентот, предвидуваат значителни казни за прекршоци како возење мопед без заштитна кацига или користење мобилен телефон при возење.
Државата, која досега важеше за поеластична кога станува збор за сообраќајни прописи – нешто што особено им одеше во прилог на туристите – се соочува со висока стапка на сообраќајни несреќи и жртви. Новите закони имаат за цел тоа да го променат.
Строги казни за мобилен телефон зад воланот
Возачите кои ќе бидат фатени како зборуваат на мобилен телефон додека управуваат возило ќе се соочат со:
-
350 евра казна и суспензија на дозволата на 30 дена (прв прекршок),
-
1.000 евра казна и шест месеци без дозвола (втор прекршок),
-
2.000 евра и едногодишна забрана за возење (трет прекршок).
Возење мотоцикл без кацига
Истите казни важат и за мотоциклисти и нивните совозачи кои не носат кациги. Според податоци, 1 од 5 мотоциклисти во Грција не носи кацига, а тие сочинуваат 38% од жртвите на патиштата – двојно повеќе од просекот во ЕУ.
Нови ограничувања на брзина
-
Во тесни улички: лимитот се намалува на 30 км/ч.
-
Во градски подрачја: останува 50 км/ч.
-
На автопати: се зголемува од 130 на 140 км/ч.
Казните за надминување на брзината ќе зависат од тежината на прекршокот и може да достигнат и до 8.000 евра и одземање на возачката дозвола до четири години, особено ако возачот се фати со брзина над 200 км/ч.
Улични трки и агресивно возење
-
Прв прекршок: 2.000 евра и една година без дозвола.
-
Втор прекршок: 4.000 евра и две години забрана.
-
Трет прекршок: 8.000 евра и забрана од четири години.
Алкохол и пушење зад воланот
-
Пушењето во возило каде има дете под 12 години е веќе забрането.
-
Дозволената граница на алкохол во крвта е 0,5 промили. Прекршителите се соочуваат со казни од најмалку 1.000 евра и забрана за возење до 10 години, зависно од сериозноста на случајот.
Совети за туристите – осигурување е задолжително
Во Грција има околу 500.000 неосигурани возила, па туристите се советуваат да склучат комплетно патничко и возачко осигурување. Секое недоразбирање или несреќа може да биде многу скапа дури и ако не сте виновни.
Нови правила за кампери
Кампирањето со кампер на исто место подолго од 24 часа е забрането, освен ако не е наменето за таа цел од локалната самоуправа. Прекршителите ќе бидат казнети со 300 евра по лице. Доколку случајот оди на суд, казните може да достигнат до 3.000 евра и до три месеци затвор.






