MKinformer

your daily dose of news

МАСК СЕ СТЕПАЛ СО МИНИСТЕРОТ ЗА ФИНАНСИИ ВО БЕЛАТА КУЌА?

09/06/2025 9:26

Според тврдењата на Стив Бенон, поранешен советник на Доналд Трамп и подкастер, до физичка пресметка дошло помеѓу милијардерот Илон Маск и американскиот министер за финансии Скот Бесент, и тоа – ни помалку ни повеќе – во ходниците на Белата куќа.

Инцидентот, кој наводно се случил на 17 април, настанал веднаш по состанокот со Трамп на кој се расправало за назначување нов директор на Службата за внатрешни приходи (IRS). Претседателот го поддржал предлогот за назначување на Мајкл Фолкендер, заменикот на Бесент, што предизвикало жестока расправија меѓу Маск и министерот.

Бенон тврди дека по вербалната расправија, Маск го удрил Бесент со рамо „како рагбист“, на што овој му возвратил. Инцидентот завршил со интервенција на персоналот кој ја прекинал тепачката пред канцеларијата на советникот за национална безбедност. Маск бил изнесен од зградата, а Трамп наводно реагирал со зборовите: „Ова е премногу.“

Медиумот „Аксиос“ исто така објави дека дошло до сериозен судир помеѓу двајцата, нарекувајќи го настанот „како кечерска претстава“, но без прецизни детали. Извештајот дополнува дека Маск и Бесент веќе неколку месеци имале затегнати односи, особено откако Маск безуспешно се обидувал да добие позиција во новиот кабинет на Трамп.

Конфликтите меѓу Маск и поранешниот претседател Трамп дополнително ескалирале. Маск го критикуваше новиот предлог-закон за даночни олеснувања, нарекувајќи го „одвратна перверзија“, а во една објава на мрежата Х (поранешен Твитер), тврдеше дека без неговата поддршка Трамп ќе ги изгубел изборите. Трамп возврати дека најдобар начин за намалување на буџетот е прекинување на владините субвенции и договори со Маск.

Контроверзијата кулминираше кога Маск објави – па веднаш потоа ја избриша – објава во која го поврзува Трамп со озлогласениот Џефри Епштајн и случаите на трговија со луѓе. Трамп како одговор изјави дека Маск „едноставно го изгубил разумот“.

error: Содржината е заштитена од копирање !!