Димитриевски: Без јасна потврда за македонскиот јазик – нема уставни измени
29/06/2025 16:42
Лидерот на Движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски, изјави дека неговата партија нема ништо против вклучувањето на Бугарите во Уставот, но нема да поддржи уставни измени без јасна и официјално потврдена дистинкција на македонскиот јазик во европска институција. Според него, прашањата со Бугарија морале да се решаваат директно помеѓу Скопје и Софија, но таа можност била загубена со прифаќањето на Францускиот предлог.
Тој подвлече дека ЗНАМ не прифаќа тезата за заедничка историја со Бугарија или тврдењата дека македонскиот е дијалект на бугарскиот јазик. Димитриевски увери дека ќе се залагаат за зачувување на македонскиот идентитет и дека Македонија треба да влезе во ЕУ со достоинство и како рамноправна членка, без компромиси кои го потценуваат македонскиот народ.
Во врска со посетата на еврокомесарката Марта Кос, тој порача дека таа е добредојдена, но и истакна дека сите граѓани на Македонија се исто толку Европејци како и таа. Македонија, според него, припаѓа на Европа и треба да се третира како таква.
На вториот Конгрес на ЗНАМ, Димитриевски повторно беше избран за претседател. Тој се заблагодари за довербата и најави дека ќе работи на создавање нови лидери, истакнувајќи дека ЗНАМ е партија која се заснова на вредности и гласот на народот, а не на стари политички шеми.
Осврнувајќи се на политичката сцена, тој остро ги критикуваше обидите за дискредитација преку медиуми и инфлуенсери, а за својата партија рече дека ќе биде коректор на власта, која, иако ја поддржуваат, ќе ја држат под контрола.
ЗНАМ, според него, се темели на идеалите од Крушевскиот манифест и АСНОМ, и ќе се залага за Европа, но не по секоја цена и не на сметка на националното достоинство. Димитриевски нагласи дека во ЗНАМ членуваат луѓе од сите етнички заедници, вклучувајќи и Бугари, но критички се осврна кон политиките на официјална Софија.
На крајот, тој ги повика членовите на ЗНАМ да бидат посветени, одговорни и чесни, со цел да се искорени корупцијата и да се изгради праведна Македонија заснована на систем, а не на импровизации, лажни вести и клиентелизам.






